Мицкоски: Пишуваме историја, од опозиција ќе освоиме мнозинство во Собранието

Наместо да завршиш како востаник и идеолог, во политичка пензија ќе одиш како обичен криминалец, му порача Мицкоски на Ахмети


„Помина првиот круг, малкумина од власта на СДСМ и ДУИ беа свесни за тоа што ќе се случува. Но, ние таа енергија која што ја чувствуваме во кампањата, таа емоција која што доаѓаше до нас беше исклучително силна. И ни беше прилично јасно дека ќе се случи голема победа, и дека разликата ќе биде исклучително голема“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Јегуновце.

„Но, тоа што се случи на 24-ти април морам да признам и да бидам како и секогаш искрен со вас, ги надмина и нашите очекувања. Ние мислевме дека ќе биде до 150.000, а излезе 183.000 гласа разлика“, рече тој.

Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот изминативе години испишува историја и прави историски резултати.

„Да се навратиме кога ни предвидуваа дека нема да биде така како што ние очекуваме, дека власта ќе издвојува апсолутна победа и дека тоа е крајот за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и оваа генерација на политичари во ВМРО-ДПМНЕ. Ние заедно со вас, заедно со народот на Македонија успеавме да издвојуваме две убедливи победи на тие локални избори и во првиот и во вториот круг, и за првпат во независна Македонија, во демократска Македонија ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата заедно со народот успеа да победи во мнозинството општини во Македонија и да има мнозинство од градоначалниците во Македонија. Тоа беше првиот историски резултат“, потсети претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„И тоа продолжи во првиот круг на претседателски избори каде резултатот во однос на идниот претседател  Гордана Силјановска Давкова со актуелниот и претседател во заминување Стево Пендаровски е 2:1. И тоа е за првпат во Македонија се случува ваков резултат“, нагласи тој.

Тој посочи дека тука не треба да се застане, туку да се продолжи до крај, до 90-та минута и минута после 90-та.

„Сега следната наша цел, повторно историск,а е за првпат некоја коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ од опозиција да освои мнозинство во македонскиот Парламент. Потребно е мнозинство во македонскиот Парламент и идниот претседател да биде Гордана Силјановска Давкова“, додаде Мицкоски.

На митингот во Ѓорче Петров Мицкоски се фокусираше на ДУИ.  Според него, тешко на Македонија ако СДСМ и ДУИ се европската иднина како што лажно се преставуваат.

„Нема полоша услуга и за ЕУ кога ДУИ на Артан, Бујар и Талат збори за европски вредности. Сигурно од таму се молат овие луѓе да не зборат за принципи и европски вредности. Од СДСМ не знаат дека Али е човек кој седи на повеќе столици истовремено. Во исто време кога СДСМ ги теши за поразот, ми праќа мене емисари за договор. И кога ова јавно го кажувам, вели дека во политиката влегол како востаник и дека замислете што вели Али Ахмети дека тој направил коалиција таква каква што направил со помалите етнички заедници затоа што ВМРО-ДПМНЕ помалите етнички заедници ги гледал со презир.

Од овде од Ѓорче сакам да му порачам неколку работи, прво точно е дека на маката и надежта на нашите сограѓани Албанци и измамата од 2001 почна како востаник кој што се претвори во блискоисточен шеик кој што сега со крадените пари ужива во своите хациенди во Зајас. Тоа е точно. Точно е дека голобради момчиња, дел од неговата фамилија во меѓувреме додека тој кажува дека бил голем востаник, купуваат трговски центри за десетици милиони евра во центарот на Скопје. Исто така е точно, додека тој себеси се опишува во својата лична епопеја и романтична приказна како востаник, членови на неговото семејство возат ролс ројс, мерцедеси, мајбах, ренџ ровер џипови, имаат возен парк од неколку милиони евра. Се е тоа точно, дека тој се обидува повторно да тргува со гласовите на Албанците во Македонија. И додека тој ги убедува Албанците во Македонија дека е востаник, си врват бизнисите, си врват тендерите, милионите, и еврата завршуваат во џебот и на конто во семејството.

Вистина е тоа Али Ахмети, дека ти си востаник ама сега во овие 23 години постепено но сигурно се претвори во ништо повеќе од обичен криминалец. И наместо да завршиш како идеолог, во политичка пензија ќе одиш како обичен криминалец кој што ќе го паметат и Албанците, и Македонците, и Турците, и Ромите, и Србите, и Бошњаците, итн.“, нагласи Мицкоски.