Османи и даде бесплатен совет на новата власт


Се уште актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи денес на прес конференција истакна дека Преспанскиот договор е јасен во однос на „ерга омнес“ употребата на името на државата и всушност тој е спореден во однос на уставната обврска.

-Уставното име на државата е Република Северна Македонија и секоја употреба на друго име е надвор од Уставот и ирелевантно е дали е во однос на Преспанскиот договор. Сум кажал во неколку наврати – и Мицотакис беше против договорот, но кога стана премиер, рече: „Јас бев против, се уште сум, но тоа е меѓународна обврска, дел од уставниот поредок и морам да го почитувам“, со што ја затвори таа тема со една реченица. Еве бесплатен совет до Владата: Moже да сте биле против, може да сте против, но тоа е реалност и дел од нашиот Устав и мора да се почитува, кажа Османи, одговарајќи на новинарски прашања.

Смета дека нема простор за различни интерпретации на Договорот со Грција. Во однос на придавката „северна“, Османи вели дека согласно Договорот, придавката „македонски“ може да се користи само во етнички контекст, а не во државен.

-Се што е македонски се однесува на македонската етничка заедница. Оттука треба да се почитуваат одредбите оти отвораат нови прашања. Исто е и по однос на името на државата. Ако имаат начин да ја сменат реалност, нека повелат,  но дотогаш Уставот мора да се почитува, дециден е шефот на македонската дипломатија во заминување. Преспанскиот договор, заклучи тој,  е повеќе од договор за името, тоа е договор за стратешка соработка.

Во однос на евентуалните позиции на Софија, сега по изборите, тој рече дека се нерелевантни.

– Јасно се утврдени правилата на игра во преговарачката рамка и тие позиции може да бидат за потребите на домашната сцена. Не се влошени, ниту подобрени, но, немаат некое значење во однос на преговарачкиот процес бидејќи јасно се утврдени правилата на игра во тој процес и тоа го прави  предвидлив за нас, што е многу важно за земја што сака да стане членка, рече Османи.

Тој соопшти исто така дека на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) ќе земат учество ќе земат делегациите на 13 учесници на Процесот, претставници на Европската Унија и Регионалниот совет за соработка (RCC) Межу нив ќе биде и грчкиот шеф на дипломатијата .