Османи: Бугарија се откажа од позицијата „еден народ во две држави“


„На последната средба имаше напредок кој креираше надеж за пробив до крајот на годината“, порача министерот Османи

 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, потврди денес дека со бугарскиот државен врв се преговара за протокол во кој ќе бидат усогласени решенија за спорните прашања, освен за јазикот и за позицијата на патоказот, што според него се решени со предлогот на претседателствата на ЕУ.

Протоколот, кој треба да е резултат на бугарско-македонска меѓувладина седница во ноември, треба да содржи усогласени позиции за краткото и долгото име на државата, за говорот на омразата, за рехабилитација на жртвите од комунизмот, за работата на Историската комисија и за немешањето во внатрешните работи на Бугарија.

Притоа Османи излезе со оценка дека барањето Бугарите да бидат впишани во Уставот како посебна етничка заедница е прифатливо за нас, бидејќи реално значи поместување на Софија од позицијата за „еден народ – две држави“, но со јасна порака дека тоа ќе биде направено кога Македонија ќе стане земја членка на ЕУ и кога поради тоа ќе се менува Уставот.

„Имаме постојани контакти меѓу двете министерства. На последната средба имаше напредок кој креираше надеж за пробив до крајот на годината“, порача Османи, додавајќи дека ќе се работи на тоа напредокот да се надгради.

Тој не беше разочаран од исходот на вчерашниот самит оценувајќи дека дипломатскиот успех не е спринт од 100 метри, туку маратон.

„Не сакам да ја оправдувам бавноста на ЕУ околу прошпирувањето кон Западен Балкан, но ќе ве потсетам дека Шпанија влегуваше во Унијата 11 години поради неколку вета од Франција, како и Велика Британија (исто поради вета од Франција). Целта е толку голема што се исплаќа нашата посветеност и трпение“, рече Османи. Тој сепак напомена дека тоа не е процес што зависи од нас, дека се движиме „на работ на кредибилитетот на ЕУ“, а тој кредибилитет е важен и за нас и за Брисел бидејќи креира енергија за промени.

„Според она што го видов вчера единствена пречка за започнувањето преговори е Бугарија“, рече Османи, дополнувајќи дека не можат толку да нѐ блокираат колку што можеме ние да бидеме упорни во барањето решенија.

Генерално тој најави дека, што и да се договори со протоколот, тоа ќе важи само ако Софија даде зелено светло за преговорите на Македонија со ЕУ.

„Нашите позиции се јасни. Ги потврдија Владата и Собранието и ние работиме во тој простор, но и во него има начин да се најде креативно решение“, оцени Османи.

Околу прашањето зошто Македонија не бара реципроцитет за нашето малцинство во Бугарија, Османи рече дека бугарскиот устав не дозволува организирање врз политичка основа за разлика од нашиот, покрај фактот дека со Договорот од 2017 година сме се обврзале да не се мешаме во внатрешните рабиоти на соседната земја.

Тој не се согласи дека 30-те милијарди што ги најави ЕУ за финансирање проекти се утешна награда за членството, оценувајќи дека без финансиска помош нашата трансформација би била само блеф на ЕУ. За нас исто така, рече Османи, е поважно процесот на проширување да биде кредибилен отколку да ни се даде рок за прием што се покажува потоа нереален, нешто што ЕУ последен пат го направи во 2018 година. Тој уште напомена дека во првата реченица на преговарачката рамка за Македонија јасно стои дека овој процес не значи автоматски членство, иако целта е да доведе до тоа.

„Ние сме свесни дека можеби ќе влеземе во друга изменета Европска унија со други правила“, рече тој нагласувајќи дека затоа се фокусира на процесот а не на крајниот момент, бидејќи тој треба да нѐ направи европска држава. (С.Ј.)