Општински обврзници и економски зони – што најави Мицкоски за финансирањето на општините

Не можеме да ја чекаме централната власт да помага во ситуација кога им одмага на општините и игра на карта на нанесување штета, вели Мицкоски


Општините кои што се под водство на градоначалници од редовите на ВМРО ДПМНЕ ќе издаваат општински обврзниц со кои ќе бараат нови извори на средства за нивно финансирање, најави денес лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Обврзниците ќе може да ги купуваат граѓаните и фирмите, а каматата ќе биде неколкукратно повисока во однос на онаа за  депозитите во банките, рече тој.

„Кога станува збор за иднината, треба да погледнеме во реалноста, а таму централната власт со својот непријателски однос удира по општините, но ударот по општините на крајот е удар по својот народ, врз чиј грб се одразува секоја опструкција“, рече Мицкоски на партискиот саем кој што се одржува денес и утре во Скопје, посветен на работата на градоначалниците од оваа партија, Затоа општините се принудени сами да се борат и заедно да изнаоѓаме механизми како да се дојде до нови инвестиции и средства да се помогне на граѓаните и тоа го правиме, додаде тој.

„Сакам да објавам дека општините ќе започнат со новина на издавање оппштински обврзници. Секое домаќинство, правно и физичко лице ќе може да учествува во купувањето на тие обврзници, пари кои ќе се употребат за градење капитални проекти, улици, патишта, булевари, водоводи и канализација, нови градинки и нови училишта, па дури и економски општински зони“, посочи Мицкоски.

Тој додаде дека за  од каматната стапка за депозит во банка која е 0,5 проценти, каматните стапки за седумгодишен период на граѓаните и компаниите кои ќе учествуваат во купувањето на овие обврзници ќе бидат девет до десет пати поголеми, односно ќе се движат од 4,5 до 5 проценти.

„Така, општините ќе дојдат до свежи пари, а граѓаните и компаниите кои ќе вложат средства ќе може да очекуваат за неколку проценти повисока камата и заработувачка, а граѓаните многу нови проекти“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека станува збор за новина која до сега не била спроведена кај нас и дека ќе започне до крајот на оваа или на почетокот на наредната година.

„ВМРО ДПМНЕ го трасира патот до револуционерна мерка која на општините ќе им обезбеди самостојност и инвестициски вложувања. Затоа што не можеме да ја чекаме централната власт да помага во ситуација кога им одмага на општините и игра на карта на купена завист и нанесување штета“, рече Мицкоски.

Саемот се одржува под слоганот „Саем на промените што носат иднина“, по повод една година отчет за сработеното на градоначалниците поддржани од партијата, кои победија на последните локални избори.

Претседателот на партијата Мицкоски во својот говор, изрази задоволство од сработеното на градоначалниците кои како што рече и во услови на економска, политичка и енергетска криза креираат успешни политики.

„По многу часови напорна работа, по многу непроспиени ноќи поминати во комуникација со градоначалниците, по многу пот, пожртвувана работа, посветеност, можам да кажам дека сум задоволен од она што се постигна. Најголемата придобивка е што се чувствуваат промените што носат иднина. И тие се малата, но многу значајна надеж дека може поинаку. Започнавме да градиме една поинаква слика и покажуваме со дела дека може поинаку, може подобро и може она што е најважно да се работи чесно. Поминавме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата, истакна претседателот на партијата во своето обраќање.

Тој рече дека градоначалниците реализирале проекти во вредност од 7.458.790.588 денари или близу 120 милиони евра.

„Резултат за почит. Ако имаме предвид дека власта, имајќи го на располагање целиот рекорден буџет за оваа година, реализираше нешто повеќе од оваа бројка, тогаш само по себе можете да забележите колкав е подвигот на овие луѓе, нивниот тим, администрацијата, но и на сите нас, на вас и граѓаните кои цело време им даваат поддршка да ги реализираат тие проекти. Во истите тие општини се реализираа или се отпочна со реализација во патна инфраструктура, градба на надвозници, клучки, нови улици, булевари или нивна реконструкција во вредност од над 36 милиони евра. За градба или реконструкција на водоводни и канализациони мрежи за една година се отпочна со инвестициски циклус вреден од над 20 милиони евра  или точно 1.278.181.531 денари“, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека градоначалниците успеале да воспостават пракса на решавање на проблемите заедно со граѓаните.

„Поминавме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата. Проблеми кои се решаваат заедно со граѓаните. Срушена е бариерата која со децении постои помеѓу граѓанинот и политичарот. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата можете да ги видите по парковите, градилиштата, маалата, улиците, достапни за народот. Очи в очи да разговарате, да дебатирате, да критикувате. И знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту пак тоа го ветивме, но затоа се трудиме со сите сили да решиме што е можно повеќе проблеми и да не заборавиме ниту за миг сè што ветивме, порача Мицкоски.

Покрај дискусијата за сработеното во општините и интеракција со градоначалниците, на саемот се водеа и повеќе дискусии за актуелни теми како што се локалниот економски развој, енергетиката и локалните самоуправи, дигитализацијата.