Општините не можат да го поднесат притисокот од поскапувањето на струјата


Претседателството на Заедниците на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ќе иницира измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, со цел да се подобри финансискиот и фискалниот капацитет, да се зголемат приходите на општините, а ќе побара и итен состанок со Владата за да се изнајде брзо и квалитетно решение за растот на цените на енергенсите.

Претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска на денешната прес-конференција информираше за заклучоците од втората седница на Управниот одбор, која се однесуваше на разрешување на предизвиците со кои се соочуваат општините, предизвикани од енергетската криза, особено од драстичното зголемување на цената на електрична енергија.

-Еден од заклучоците е дека ќе се обратиме до Владата со што ќе побараме итен состанок на кој што би биле разгледани сите предлози кои произлегоа од вчерашната седница и како би изнашле заедничко решение кое најбрзо може да се преземе, а да се излезе во пресрет за да се разреши оваа криза од растот на цените на енергенсите на берзата – рече Арсовска.

Таа напомена дека на седницата било истакнато оти генерално општините имаат сериозни финансиски проблеми и оти навистина е потребна итна интервенција од страна на Владата со која би се превенирало дополнително продлабочување на кризата.

Исто така, еден од заклучоците од седницата е да се бара Владата заедно со Регулаторната комисија за енергетика да преземат мерки и да се санира состојбата.

-Тие издаваат лиценци за оваа намена од овој момент веруваме дека не е воспоставена контрола како што е случај во останатите земји, рече Арсовска.

– Би сакала да ја прокоментирам и изјавата на новиот мандатар дека Владата нема да дозволи Скопје да остане без парно. Би ја поздравила оваа изјава на мандатарот и сакам да го посетам дека обврската за ова е на Владата, дека БЕГ има добиено концесија од Владата, а не од Градот и секако тоа е обврска и одговорност на Владата. Воедно се доцни веќе пет месеци за преземање мерки за ублажување на ефектите од кризата. Несериозно е префрлање на одговорноста на институции што немаат ниту средства, ниту одговорност за хаосот настанат во енергетиката. Оваа Влада има, исто така, обврска кон општините и граѓаните, особено бидејќи тие се оставени без средства и задолжени се до максимум – смета Арсовска.

На состанокот било истакнато и дека училиштата кои се под надлежност на општините, во второто полугодие може да останат без греење или пак да не можат да платат за електрична енергија. Затоа се бара училиштата да не бидат категоризирани како потрошувачи на индистриска струја. Ова беше направено со градинките, но училиштата се уште се водат како потрошувачи на индустриска струја, која е поскапа од онаа за домаќинствата.