Општина Карпош со низа мерки во пресрет на „Андреа“


Фото: Б.Грданоски

Тревата во општина Карпош нема да се коси до заминување на најавената бура „Андреа“ која се очекува да го зафати и скопскиот регион, соопштија од општината.

Од Карпош апелираат, а со цел да се спречат поголеми материјални штети, граѓаните, колку што е можно повеќе да избегнуваат паркирање на своите возила под дрвореди.

-Општина Карпош во изминатиот период ги чистеше каналите за наводнување во Бардовци и Нерези. Исто така, се чистеа и дел од сливниците, внатрешно по населбите, а се поставија и одводни решетки на улиците „Ловќенска“ и „Козле 3“. Ова е, исто така, една од превентивните мерки кои локалната самоуправа благовремено ги презеде, се наведува во соопштението на општината.

Комуналните служби на Карпош ќе бидат постојано мобилни и подготвени за да интервенираат на покритичните места, со соодветна опрема и механизација, а во случај на поголеми проблеми, доколку настанат материјални штети и слично, граѓаните ќе можат да пријавуваат на отворената телефонска линија 193.

Дополнително, Општина Карпош упати мерки кои треба да ги преземат и основните училишта и градинките на наша територија, со цел да се спречат поголеми штети на објектите.