Општина Центар со еднакви можности за сите, родовата еднаквост се постигнува преку дела


„Секој од нас има право на еднакви можности без разлика на полот. Да ги промовираме вредностите на еднаквост и почитување. Да промовраме еднаквост во образованието и кариерниот развој и да го слушнеме гласот на оние кои имаат потреба од нас. Само заедно и еднакви можеме да создадеме подобро општество и подобри услови за сите“, рече градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на денешниот настан по повод родовиот баланс во институциите.

Герасимовски кој беше говорник на настанот „Родов активизам – чекот за исполнети соништа“, организиран од МТСП сподели дека Општина Центар е мала институција која може да биде пример за отворање еднакви можности за двата пола. И само преку примери младите може да научат за вистинските вредности и како да се  имплементираат во секојдневното живеење. Притоа напомена дека во општината има девет сектори и две независни одделенија во кои мнозинството на раководителите се жени.  Советот на општината брои 23 советници, од кои 11 се жени и 12 мажи. Со општинскиот совет веќе втор мандат претседава жена – претседавачка. Додека во надлежност на Општина Центар има 8 основни училишта и 3 детски градинки, кои ги раководат директорки – жени.

“Овие бројки зборуваат дека Општина Центар можеби е малку родово неизбалансирана, секако во корист на жените. Но, ова се случува затоа што на сите наши вработени им се дадени еднакви можности за професионален развој и сите овие жени кои стигнале до највисоките административни позиции покажале извонредни квалитети, посветеност и професионалност во работењето. Мојата поента е дека до родова еднаквост и родов баланс се стигнува единствено преку дела и активности за препознавање и промоција. Единствено преку обезбедување еднакви можности за сите“ , рече Герасимовски.

Притоа напомена Герасимовски, во Општина Центар активно работи и Комисија за еднакви можности која преку својата годишна програма реализира низа активности за одржување и промоција на родовиот баланс во општината. А дополнително се организираат и едукации и квалификации за невработени лица како помош во градењето на подобра иднина.