Општина Аеродром спроведува анкета за зонско паркирање во Мичурин
Општина Аеродром по барање на граѓаните и во соработка со Јавното претпријатие „Градски паркинг“ почна кампања за информирање на граѓаните за бенефициите од зонското паркирање што треба да се спроведе во населбата Мичурин.
Паралелно со информативната кампања, се реализира и теренска анкета преку која граѓаните имаат можност да го искажат својот став за иницијативата за регулирање на паркирањето во овој дел од општината.
Со реализација на проектот се очекува конечно да се реши проблемот со паркирањето што ќе овозможи нови паркинг-места, бесплатно и сигурно паркирање за станарите, како и крај на проблемите со недостигот од паркинг-места и узурпирањето на паркингот од хаварисани возила.
Апелираме до граѓаните да се вклучат во анкетата, а по нејзиното завршување, Општина Аеродром ќе ги преземе сите неопходни активности за реализација на овој проект, соопштија од таму.