Опозицијата во Белорусија не ги признава резултатите од изборите


Светлана Тихановска (лево) и нејзината сојузничка, Марија Колесникова, на прес-конференцијата во понеделникот еден ден по изборите (Фото: АФП)

„Јас ќе им верувам на моите очи“, изјави Светлана Тихановска откако изборната комисија соопшти дека Александар Лукашенко победил со огромна разлика

 

Главниот кандидат за опозиција на изборите во Белорусија ги отфрли официјалните резултати што му дадоа убедлива победа на претседателот Александар Лукашенко и нејзиниот тим вети дека ќе остане во земјата за да води кампања за промена на власта.

„Јас ќе им верувам во моите очи – мнозинството беше за нас“, им рече Светлана Тихановска на новинарите во понеделникот во главниот град Минск, по раширените извештаи за лажирање на гласовите на изборите во неделата.

Тихановска рече дека таа себеси се смета за победник а не Лукашенко и изборите ги опиша како масовно лажирани. Нејзините помошници изјавија дека опозицијата сака пребројување на гласовите на гласачките места каде имало проблеми. Тие исто така рекоа дека опозицијата сака да одржи разговори со властите за тоа како да дојде до мирна промена на власта.

Изборната комисија на земјата во понеделникот извести дека Лукашенко освоил 80,23 отсто од гласовите, додека Тихановска освоила само 9,9 проценти и покрај народниот бран на поддршка за кандидатот на опозицијата, чии политички митинзи привлекоа дел од најголемите собири во земјата од времето на Советскиот Сојуз .

Сличните, првичните резултати објавени во неделата предизвикаа невидени протести во градовите низ целата земја, што претставува најголема закана за Лукашенко – честопати нарекуван како последен диктатор на Европа – отако дојде на власт пред 26 години.

Имаше крвави судири кога полицијата за немири употреби гумени куршуми, зашеметувачки гранати, солзавец и водени топови за да ги задуши демонстрантите. Полицијата уапси околу 3.000 луѓе, руската новинска агенција РИА го цитираше белоруското министерство за внатрешни работи. Понатамошни протести се очекуваат во понеделник навечер.

Победата на Лукашенко беше брзо поддржана од Владимир Путин од Русија и Ши Џинпинг од Кина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски не му честита на Лукашенко и во изјавата повика на воздржаност.

Маж лежи на земја пред големиот кордон полиција во ноќта на протестите (Фото: АФП)

Активистите рекоа дека имаат извештаи дека десетици луѓе се повредени во немирите и едно лице може да било убиено откако било удрено од полициско комбе кое возело со голема брзина. Министерството за внатрешни работи на Белорусија во понеделникот негираше дека некој бил убиен. „Гардијан“ не можеше веднаш да ја потврди смртта.

На фотографиите се гледаше дека демонстрантите со крвави лица биле третирани од медицински лица. На една фотографија, маж кој наводно бил погоден во белите дробови со гумен куршум лежи инертен, покриен со крв. Во друга, полицаец за немири со фантомка гестикулира со израз на страв и фрустрација крај демонстрант кој лежи во несвест.

„Ние сме уморни од оваа грубост, оваа лудост“, рече демонстрант во Минск, кој носеше темна маица и маска и одби да го даде своето име. „Уморни сме од овие [излезни анкети] броеви, кои ви плукаат по лицето“.

Еден друг, водоводџија, рече: „Сите излегоа затоа што нè изневерија. Кога тие ѝ дадоа на [Тихановска] само 6 проценти [во излезните анкети], а таа всушност победи со 70 отсто, тоа беше срамота“.

Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија, ја повика Белорусија да ги објави точните резултати и го осуди насилството врз приврзаниците на опозицијата. „За вознемирувањето и насилната репресија врз мирни демонстранти нема место во Европа“, рече таа.

Лукашенко ги нарече демонстрантите „овци“ под странска контрола кои „сакаа да го расипат празникот“.

„Предупредував дека нема да има Мајдан, како што сакаат некои луѓе“, рече Лукашенко во понеделникот, осврнувајќи се на народното востание во Украина во 2014 година, кое собори еден проруски водач. „Луѓето треба да се смират, да се смират“, рече тој.

Аналитичарите велат дека станува збор за најдлабока криза со која се соочи Лукашенко во неговата кариера. Тој веќе се соочуваше со невиден гнев поради неговото справување со економијата и збунетиот одговор на коронавирусот. Пред изборите тој ги затвори опозициските кандидати и целеше врз странските сојузници, обвинувајќи ја Москва дека испраќа платеници за дестабилизација на земјата. Интернет-поврзувањето е значително нарушено од неделата.

„Ова е сигурно најголемиот протест што сум го видел во Белорусија откако Лукашенко дојде на власт“, рече Дејвид Марплс, професор на Универзитетот во Алберта и експерт за Белорусија. „Во однос на изборите што ги одржа Лукашенко, нема ништо слично. Ми се чини дека целата земја навистина е за промени“. (Гардијан)