Опозицијата виде „бонбона бизнис“ во либерализацијата на железничкиот сообраќај

„Да“ за либерализација, но не во овој момент, зашто двете претрпијатија се на колена. Ги згаснувате двете претрпијатија, укинувате возни линии и тоа не тера да мислиме дека сакате да уништите се што е во државна сопственост, забележа пратеничката Лашковска


Фото: Б. Грданоски

Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија на денешната седница го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем и одлучи да го проследи на натамошна постапка во Собранието.

Измените треба да се донесат по скратена постапка, а ги образложи заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи. Членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ се согласија дека има потреба од ваков закон заради усогласување со европската легислатива, но укажаа и на неопходноста од јавна, стручна дебата за изнаоѓање најсоодветно решение кое би овозможило, како што рекоа, државата да има модерни железници, а во исто време да го зачува националниот интерес.  

-Со потпишувањето на Договорот за основање на транспортната заедница треба да се изврши усогласување на националното законодавство со европското од областа на железничкиот транспорт. Договорот треба да ја зголеми ефикасноста, да придонесе за пониски трошоци и подобар квалитет на услугите за корисниците на железничкиот транспорт преку отворање на пазарот и зајакнување на конкуренцијата. Ова е едно и од барањата за членство во Унијата на одржаниот состанок на Поткомитетот за транспорт, животна средина, енергија и регионален развој од 17 март 2022 година. Овој Предлог-закон значи исполнување на обврските согласно потпишаниот Меѓународен договор и усогласување со европското законодавство во делот на отворање на пазарот за железнички услуги кои ќе се даваат од повеќе железнички претпријатија, рече Реџепи.

Според Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ, овој закон е многу важен за иднината на железничкиот систем и точно е дека неговото донесување ќе значи усогласување со европската легислатива, но мора да се има јасна визија и да се донесе одржливо решение кое ќе гарантира безбедни, квалитетни, модерни и европски железници. Не смее да се дозволи, предупреди, целата работа да заврши во министерските кабинети каде, како што нагласи, ќе се договараат „бонбона бизниси“ и ќе се распродава јавното добро. Неопходен е, потенцира, сериозен пристап, зашто се работи за национален интерес кој мора да се сочува.  

-Вакво прашање, без да се отвори и да се каже пред Комисијата која е визијата на Министерството за транспорт, е несериозно. Граѓаните мора да знаат што ќе се случува со железницата. Состојбата е катастрофална, и со возниот парк и со инфраструктурата. Секој ден гледаме хаос во железничкиот сообраќај. Се затвораат и тие малку линии што ги имаме. Не го одржуваме и тоа што може да се одржува. Од друга страна, кога нешто треба да значи отворање во смисла на либерализација на пазарот, а во исто време СДСМ и ДУИ се на власт, имаме сериозни дилеми. Јавно прашувам, дали ова некој намерно не го стимулира, зашто ако се поврзе со отворањето на системот, некој би препознал „бонбона бизнис“. Тоа веќе го видовме во неколку наврати, а и сериозни изјави на високи функционери од СДСМ најавија можност за приватизација, за отстранување делови од јавните интереси за да се приберат финансиски средства во Буџетот. Ако е потребно, треба да се отвори и јавна, стручна дебата за да се согледа најдобриот модел за синхронизирање на македонското со европското законодавство и за зачувување на јавниот интерес. Вака, некој ќе преговара и договоара за нациоаналните интерси без никого да консултира и на крајот, неколку министри ќе ја договорат целата работа, истакна Трајанов. 

На ова реагираше заменик-министерот Реџепи. Тој го праша Трајанов зошто секогаш на ВМРО-ДПМНЕ паметот и е во бизниси.

 

-Дали тоа значи дека е бизнис секој закон што ќе го предлагаме согласно потребата за усогласување со европската легислатива? Значи, прво велите во ред е законот, а потоа зборувате за бизнис. Каде гледате бизнис? Усогласувањето со европското законодавство не значи бизнис. Добро почнувате, а потоа изнесувате тези кои воопшто не постојат во законот. Или нашето законодавство ќе се усогласува со европското или не, подвлече Реџепи.

За збор се јави и Ане Лашковска од ВМРО-ДПМНЕ, според која, законот не е добар и не треба да се носи во овој момент. Таа ја обвини Владата за ситуацијата во двете железнички претпријатија и во железничкиот транспорт воопшто. 

-„Да“ за либерализација, но не во овој момент, зашто двете претрпијатија се на колена. Ги згаснувате двете претрпијатија, укинувате возни линии и тоа не тера да мислиме дека сакате да уништите се што е во државна сопственост, забележа Лашковска.

Комисијата на седницата ги разгледа и Предлог-законот за воздухопловство кој е во второ читање, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за интероперабилност во железничкиот систем и Предлог-законот за изменување на Законот за сигурност во железничкиот систем, двата во скратена постапка. 

Пред усвојувањето на дневниот ред, членот на Комисијата Љупчо Балковски предложи Комисијата да достави неколку прашања до ресорното Министерството и надлежните институции од патниот и железничкиот сообраќај.

-Со оглед на актуелната состојба во патниот и железничкиот сообраќај, предлагам да ги поставиме следните прашања: каква е состојбата со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, каква е предвидената динамика за изградба, каква е состојбата за почетокот на изградбата на автопатите Тетово – Гостивар – Кичево и автопатот Прилеп – Битола, каква е состојбата со изградбата на пругата Крива Паланка – Куманово, со безбедноста на железничкиот сообраќај и која е причината за укинување на постечките железнички линии, истакна Балковски.