Опасноста од турбуленции во Северна Македонија?


НАНО РУЖИН

Во една телефонска сондажа на „Дата прес“ од јуни 1996 година испитаниците во анкетата истакнале дека социјалната неправда и меѓуетничките односи (албанското прашање) биле најсериозните закани за мирот во Македонија. Во септември 2019 година, претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност, повикувајќи се на искуствата од нашето опкружување кога државите биле пред влегување во НАТО или ЕУ, но и на „научените лекции“ од домашната политичка сцена и тензиите, истакна дека во наредните 40 до 50 дена земјата ќе влезе во период на политички, но и безбедносни турбуленции.

Убеден сум дека оваа порака беше повеќе предупредувачка отколку заплашувачка, но разбирливо е дека донекаде и вознемирувачка за домашната јавност. Граѓаните на оваа држава од нејзиното конституирање до денес навикнаа на предупредувањата и можните лоши сценарија од страна на многубројни странски експерти кои ја докажуваа тезата дека Македонија еден ден ќе пукне. Се претворивме во лабораторија за набљудување и компарација на балканските стереотипи. Во деведесеттите мирисот на војната се чувствуваше од Врање до Триглав и од Приштина преку Сребреница и Сараево до Вуковар. Таму се водеа крвави меѓуетнички судири проследени со масовни злосторства. За тоа време Македонија живееше во мир. Во оваа епоха, кога државата беше предводена од страна на претседателот Киро Глигоров, Македонија го доби епитетот „оаза на мирот“. Врз стабилноста на државата бдееја силите на УНПРЕДЕП и мудроста на стариот претседател. Глигоров веруваше дека тишината е еден пријател кој никогаш не ве издава. Меѓутоа, претерано се молчеше за состојбата на меѓуетничките односи, чиј ефект ќе го почувствуваме во 2001 година.

Во тогашниот стратегиски документ на АРМ, Белата книга, погрешно се сметало дека најголема опасност за стабилноста на Македонија е закана однадвор, од страна на Албанија и СРЈ, во чиј состав беше Косово. Состојбата за опасноста од лошите меѓуетнички односи била сосема маргинализирана. Кризата од 2001 го покажа скриеното лице на ѓаволот на војната. Сепак, безумната војна не фати корен во Македонија, така што најголемата безбедносна криза на државата беше успешно надмината со Охридскиот рамковен договор. Оваа епоха беше одбележена со претседателствувањето на Борис Трајковски. Кризното управување со разнишаните меѓуетнички структури по настаните од 2001 го предводеа силите на НАТО, а подоцна, првпат во историјата на ЕУ, таа задача ја презедоа силите на Унијата. Тие беа исклучиво фокусирани врз стабилноста на меѓуетничките односи, додека опасностите од социјална природа и од опкружувањето беа минимизирани. Меѓутоа, синусоидната демократска историја на поширокото опкружување на Македонија беше одбележана со повеќе кризи во регионот на Западен Балкан.

Најчести причини за дестабилизацијата беа диверзификацијата на меѓуетничките структури, спротивставените политички позиции, разновидните економски, социјални и општествени ниво на развојот, разидувањата околу културно-историски и цивилизациски наследства. Затоа и не е изненадување што веќе 150 години Балканот претставува едно од најконфликтните зони во светот иако не е богат со минерали или енергенти како Блискиот Исток. Меѓутоа, предноста на Балканот и на Северна Македонија е во значајната геополитичка позиција во зоната на Римландот – односно тампон-зоната кон континентална Евроазија. Потпишувањето на Договорот од Преспа и отворениот пат на Северна Македонија кон членството во НАТО се преструктуираа геополитичките интереси кон државата и пошироко во регионот. Според мислењето на рускиот аналитичар на Спутник, Андреј Корибко, „Србија, Македонија и Грција ја претставуваат новата целина на балканската стратегиска позиција бидејќи низ териториите на овие држави поминува оската север-југ низ која се протега и коридорот на ‘патот на свилата’ кој ги поврзува Источниот Медитеран и Централна Европа. Рускиот проект „Балкански поток“ се потпираше токму врз овој геоекономски ентитет, кој во последно време се нарекува балкански коридор. Кога би се послужиле со геополитичкиот јазик, би заклучиле дека оној што го контролира овој коридор ја контролира и судбината на целиот регион“. Колку е точна оваа теза и зошто контролата на земјите на Балканот се сметала за посакувана цел на големите сили? Затоа што преку инструментализација на локалните конфликти се оневозможува влијанието на останатите кои настојуваат да го контролираат Балканот, истакнува геополитичарот Франсоа Туал. На ова место станува појасна и тезата на Макрон дека „не треба да се дозволи продорот на Русија, Кина и останатите сили во регионот“.

Во еден турбулентен Балкан, кога Белград и Приштина се оптоварени со замрзнатиот конфликт околу Косово, кога БиХ и Косово се со безнадежна европска иднина, кога Северна Македонија граби кон НАТО и ЕУ, а Грција постепено излегува од економската и финансиската криза, кога растат тензиите помеѓу Атина и Анкара, споменатите интерни и екстерни фактори на дестабилизација комбинирани или поединечно, заострени или перфидно анимирани преку лажните вести и хибридната реторика можат да произведат некоја поинаква корелација на Балканот и во Македонија. Така, споменатиот Корибко во 2016 година ги поврза настаните во Гошинце и Куманово и ги оквалификува како „прв чин на кампањата во создавање на Голема Албанија од страна на САД“. Потоа луцидно констатира дека САД биле и против прагматичната влада на премиерот Груевски и ја организирале шарената револуција за да го спасат Заев од казната за обидот на државниот удар. Воедно, не пропушта да подвлече: „новата Студена војна, која се води на Балканот помеѓу униполарниот свет на западните демократии, од една и мултиполарниот свет на чело со Русија и Кина од друга страна, се состои во тоа што последниве настојуваат да развиваат транснационални проекти кои ќе значат спас за Балканот“. За тоа време САД ги блокираат таквите проекти и преземаат акции за отпочнување хибридни војни во регионот. Под хибридните војни авторот ги смета реализацијата на проектот Голема Албанија и реализација на проектот масивна мигрантска криза преку балканската рута.

Кога се во прашање внатрешните фактори на дестабилизација, незаобиколиви се меѓуетничките односи, нискиот животен стандард и високата стапка на невработеност на младите кои немаат светла иднина, но пред сè организираниот криминал, корупцијата, отсуство на владеење на правото, национализмот, екстремизмот. Кога ќе го составите овој експлозивен коктел, можеме да ја сфатиме претпазливоста на Пендаровски, дотолку повеќе што стануваме членка на привилегираното евроатлантското семејство, чии вредности не ги почитуваат сите во Северна Македонија и во соседството. Патем, изминаа десетина дена… Македонија е мирна.