Онлајн тинејџерските муабети што завршуваат како терористички заговори стануваат алармантни


Стадионот што беше цел на планиран напад во Виена

Деталите што се појавуваат за наводниот терористички заговор за напад на трите концерти на Тејлор Свифт во Виена се малку, но веќе се приклучуваат на застрашувачкиот образец познат на европските претставници за борба против тероризмот. 

Австриската полиција во средата соопшти дека 19-годишно момче (патем со потекло од Македонија) е  уапсено во Терниц, на околу еден час возење од местото каде што Свифт требаше да настапува во четврток, петок и сабота за очекуваните 65.000 фанови секоја вечер на стадионот Ернст Хапел. Вториот осомничен кој има 17 години беше уапсен во Виена тоа попладне. 

Двајцата осомничени биле радикализирани преку Интернет, соопшти полицијата, додавајќи дека 19-годишниот се заколнал на верност на новиот лидер на ИСИС минатиот месец. Полицијата, исто така, ја нагласи улогата на социјалните медиуми  во радикализацијата на осомничените и во наводното планирање на нападите.

„Комуникацијата на сторителите обично се одвива во шифрирана форма“, честопати прикривајќи ги нивните разговори од рутински антитерористички надзор, им рече на новинарите генералниот директор за јавна безбедност Франц Руф.

Патот на онлајн тинејџерските муабети кои се свртуваат кон заговори во реалниот свет стана алармантно вообичаен во последниве месеци. Студијата на експертот за тероризам Питер Нојман, покажа дека тинејџерите преставуваат  две третини од уапсените лица поврзани со ИСИС во Европа во претходните девет месеци.

Студијата за 27 напади поврзани со ИСИС или откриени заговори од октомври минатата година, откри дека од 58 осомничени, 38 биле на возраст меѓу 13 и 19 години, според Нојман, професор по безбедносни студии на Кралскиот колеџ во Лондон. Нојман истакна дека најновите податоци на Европол покажуваат дека „бројот на напади и планирани напади е повеќе од четири пати зголемен“ од 2022 година.

Меѓу случаите што ги спомна Нојман беше уште еден во Австрија, во кој 14-годишно девојче од Црна Гора беше уапсено во мај во јужниот град Грац, откако купила нож и секира за напад што наводно го подготвувала. На нејзиниот компјутер бил пронајден и материјал од ИСИС.

Тинејџери беа уапсени и за време на безбедносната операција на Франција пред Олимпијадата во Париз.Кон крајот на мај, 18-годишен маж од чеченско потекло беше обвинет за „терористичко злосторничко здружување“, за наводни планови да ги таргетира гледачите во градот Сент Етјен за време на Игрите, се вели во соопштението на француското обвинителство за антитероризам. Околу две недели претходно, двајца тинејџери беа уапсени во североисточна и јужна Франција за планирање терористички напад, а целта е нејасна, се вели во соопштението.

И во април, 16-годишник од департманот Горна Савоа во југоисточна Франција беше уапсен поради наводно истражување како да направи појас со експлозив и да умре како маченик на ИСИС, со  Олимпијадата како можна цел, се додава во соопштението.

Германската полиција, исто така, објави два наводни терористички заговори во кои учествуваа тинејџери во последните месеци. Во април, властите во западниот град Дизелдорф изјавија дека уапсиле две девојчиња, на возраст од 15 и 16 години, и едно 15-годишно момче обвинето за планирање терористички напад.Друг наводен заговор за можен напад со нож на синагога во Хајделберг, кој беше прекинат во мај, вклучуваше 18-годишно момче, се вели во соопштението на германскиот обвинител.Во меѓувреме, во Швајцарија, полицијата во март уапси 15-годишно момче од Швајцарија и 16-годишно момче од Италија за наводна поддршка на ИСИС и планирање бомбашки напади.

Нојман, експертот за тероризам, рече дека тинејџерите често биле регрутирани преку Интернет, каде што ИСИС и нејзината централноазиска филијала ИСИС-К треба само да привлечат  неколку стотици потенцијални регрути.

„Групите како (ИСИС-К) конкретно се насочени кон младите тинејџери“, рече Нојман.

„Можеби не се многу корисни. Може да се збркаат. Можеби ќе се предомислат“, рече тој, но „ се  најмалку сомнителни. Кој би помислил на 13-годишно дете како терорист?“

Тинејџерите биле  регрутирани преку платформи за социјални медиуми како TikTok, влечени преку алгоритми во „меурчиња“ на интернет каде што џихадистичките регрутери можат да дојдат до нив, рече Нојман. ИСИС-К беше „убедливо најамбициозниот и најагресивен дел на ИСИС, заговарајќи сложени напади и регрутирање преку Интернет“, додаде тој.

Портпаролот на TikTok минатиот месец изјави за Си-Ен-Ен: „Ние стоиме цврсто против насилниот екстремизам и отстрануваме 98% од содржините за кои е утврдено дека ги кршат нашите правила за промовирање тероризам пред да ни бидат пријавени“.

Европските безбедносни извори се повеќе се загрижени дека терористичките заговори стануваат се по „режирани“ – или организирани од поискусен или поснабден регрутер од далеку.Британски безбедносен извор изјави за Си-Ен-Ен дека таканаречената „насочена терористичка закана“ станала најзагрижувачка во изминатите 18 месеци, а ИСИС-К е најмоќната група под лупа. Пристапот на младите до екстремистичките простори и медиумите преку Интернет, исто така, продолжува да биде значаен проблем, рече изворот.

Европските функционери за борба против тероризмот, исто така, се борат со заканата од тероризам која брзо се оформува во делови на поранешниот Советски Сојуз, вклучувајќи го и рускиот регион Северен Кавказ и централноазиските држави како Таџикистан. Минатиот месец, австриската антитерористичка полиција соопшти дека привела осум мажи и една жена за собирање средства за ИСИС. Запленети се лаптопи, готовина, лажни пасоши и возило, а властите рекоа дека на осомничените, по потекло од Чеченија во Руската Федерација, можеби ќе им се одземат дозволите за престој во Австрија. (CNN)