ОН: За голем број Палестинци евакуацијата од градот Газа е невозможна

Портпаролот на Обединетите нации, Стефан Дижарик, синоќа изјави дека иако Израел издал наредба за евакуација што го опфаќа целиот град Газа, каде што околу еден милион Палестинци се засолнети, голем број од оние што сè уште се таму веруваат дека напуштањето на градот е „едноставно невозможно“.
Дижарик објасни дека транспортот од градот Газа може да чини повеќе од 1.000 долари, дека крајбрежниот пат е едвај прооден и дека местата за преселување во јужниот дел на Појасот Газа се веќе преполни, објави „Тајмс оф Израел“.
-Повеќето луѓе веќе се раселени безброј пати. Тие се исцрпени, немаат пари и се гладни, истакна Дижарик.
Според него, уште околу 9.400 лица успеале да го напуштат северниот дел од Појасот Газа и да се преселат во јужниот дел, со што бројот на раселени лица достигна речиси 62.000 од средината на август.
И покрај наредбата за евакуација на градот Газа, голем број Палестинци ќе останат во северниот дел од Појасот, проценуваат ОН.