Омаж за филмскиот педагог Стефан Сидовски Сидо
Во Кинотеката на Македонија вечер ќе се одржи омаж за Стефан Сидовски Сидо, еден од најзначајните автори на македонскиот аматерски филм, филмски педагог.
Како што посочуваат од Кинотека, филмовите на Сидо се препознатливи по својата интелектуална провокативност, сатиричен пристап и филозофски идеи, преку кои отвораат прашања за човекот, моќта, технологијата и современиот свет. Неговото творештво остави траен белег во македонската филмска култура, а генерации филмофили и ученици го паметат како инспиративен професор и неуморен промотор на филмската уметност.
Неговата филмографија опфаќа повеќе од пет децении творештво — од кратки експериментални филмови и документарни записи, до филозофски и општествени етиди кои ја истражуваат човечката егзистенција, идентитетот и општествените промени.
Носител е на титулата „Мајстор на аматерскиот филм“, највисоко признание од Кино-сојузот на Македонија.
Меѓу неговите најпознати дела се: „Најден дом“, „Копнеж“, „Заштита на културните споменици во градскиот парк“, „Напуштени воденици“, „Пат кон оазата“, „Образ“, „Демонократија“, „Самрак на цивилизацијата“, „Последно кафе“ и многу други.