Охриѓанец починал откако проголтал паковка со дрога при полициска интервенција
Четириесет и четиригодишен охриѓанец синоќа починал откако проголтал паковка со наркотична материја при полициска проверка на возилото во кое тој бил сопатник, информираат од Секторот за внатрешни работи Охрид.
Возачот на автомобилот, кој претходно се обидел да ѝ избега на полицијата, е лишен од слобода. По наредба на јавен обвинител, денеска ќе биде извршена обдукција на телото на починатиот во Општата болница во Битола, додека, во меѓувреме, по насоки на обвинителот, полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Според деталите за случајот што ги соопшти СВР Охрид, вчера вечерта, полициска екипа се обидела да запре возило марка „ренџ ровер“ со чешки национални ознаки. Но, и покрај дадениот знак од полициската патрола возачот продолжил со движењето и избегал, а по дополнителни активности бил запрен и во 22:30 часот на булеварот „Туристичка“ во Охрид приведен. Како што информираат со СВР Охрид, станува збор за триесет и двегодишен жител на градот со иницијали И. М.
За време на интервенцијата, полициските службеници во возилото забележале уште едно лице, С. П. (44) кое веднаш проголтало паковка со наркотична материја, по што му се влошила здравствената состојба.
„Од страна на полициските службеници, повикана е Итната медицинска помош со чие возило С. П. е пренесен во Општата болница во Охрид. Таму, и покрај преземените медицински мерки, тој починал. По наредба на јавен обвинител, денеска ќе биде извршена обдукција во Општата болница во Битола. По насоки на јавен обвинител, се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот“, се наведува во соопштението.