Охрид преполн за Велигден
Охрид традиционално е меѓу најпосакуваните дестинации за Велигденските празници, со зголемен број гости од земјата и странство, претежно православни верници од соседните држави кои празничниот викенд го избраа да го поминат покрај Охридското Езеро.
Продолжениот празничен викенд донесе видлива раздвиженост низ градот, каде од вчера тешко се наоѓа слободно место на терасите на угостителските објекти, а паркинзите се речиси целосно исполнети.

Во духот на најголемиот христијански празник, градот е свечено украсен и обвиен во празнична атмосфера. Низ охридските улици се чувствува топлина, светлина и ведрина, што го најавува доаѓањето на деновите посветени на верата, надежта и љубовта.
Иако нема прецизни податоци за вкупниот број посетители, туристичките работници посочуваат дека хотелските капацитети кои се во функција бележат солидна исполнетост, во просек до околу 70 проценти. Значителен дел од туристите престојуваат и во приватното сместување, а секако голем дел од гостите престојуваат во сопствени апартмани и викенд-станови во градот и неговата околина.
Во пресрет на најголемиот христијански празник – Велигден, во сите поголеми цркви во Охрид и околината се одржуваат богослужби. Централната велигденска богослужба ќе започне вечерва во 23:30 часот во храмот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, со која ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-кичевски г.г. Георгиј.

Традиционално, илјадници верници, меѓу кои и бројни туристи, на полноќ со запалени свеќи и молитва ќе ја дочекаат веста за Христовото Воскресение, во атмосфера што го спојува духовното празнување со уникатниот амбиент на Охрид.