Одлучувачки круг за избор на петтиот претседател


Вкупно 1.808.131 избирач ќе одлучат в недела дали ќе биде избран петтиот претседател на државата и кој би ја заземал формално највисоката функција во хиерархијата на власта. Вториот изборен круг е одлучувачки и доколку нема поголеми прегласувања за две седмици, тогаш уште в недела навечер ќе се знае кој е новиот станар на Водно.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг, што годинава се одржа на 21 април. Тогаш ниту еден од тројцата кандидати не го доби потребното мнозинство од 904.066 гласови или 50 проценти од запишаните гласачи – за изборите да завршат уште во првото полувреме. В недела, пак, треба да се постигне понискиот, ама и решавачки праг, односно на гласање треба да излезат не помалку од 723.253 гласачи, односно 40 проценти од вкупното избирачко тело, за изборите да бидат успешни. Потоа, претседател би станал кандидатот што ќе освои повеќе гласови.

Во случај и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати да не ги исполни предвидените услови, се повторува целата изборна постапка. Со оглед на тоа што станува збор за редовни избори и за завршување, а не прекинување на мандатот на досегашниот претседател, различни се размислувањата во кој рок би требало да се одржат евентуални повторени избори, односно дали тоа би било во период од 40 дена, како што е предвидено во Уставот во случај на прекин на мандатот на актуелниот претседател од кои било причини. Или, пак, за најмногу шест месеци, до кога претседателската функција би може да ја извршува претседателот на законодавниот дом. Сепак, очекувањата искажани во текот на кампањата беа дека цензусот ќе биде постигнат и дека изборите ќе завршат успешно.

Од 1994 година претседателот на државата се избира на непосредни избори, со таа разлика што во првите три изборни циклуси цензусот во првиот круг беше 50 проценти, за да биде намален на 40 отсто пред изборите во 2009 година. Шефот на државата се избира со мандат од пет години. За оваа функција може да биде избрано лице кое е државјанин на Северна Република Македонија, кое има најмалку 40 години живот и кое е жител на државава најмалку десет години во последните 15 години. Изборот за претседател се врши во последните 60 дена од мандатот на актуелниот претседател.

Денеска гласаат иселениците, затворениците и болните

Од ДИК соопштија дека без никакви проблеми се доставени сите изборни материјали до сите изборни комисии, така што се е подготвено за вториот круг од претседателските избори.

Денеска ќе гласаат 1.640 затвореници и околу 4.540 лица пријавени како болни и немоќни, но и седум раселени лица. За гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва, пак, беа пријавени 1.836 гласачи од дијаспората. Тие имаат право на глас во 32 дипломатско-конзуларни претставништва на земјата, каде што веќе отпатуваа над 250 члена на избирачките одбори за да го спроведат гласањето.

Изборите ќе ги следат 3.381 домашни набљудувачи и околу 520 странски посматрачи, како и 289 преведувачи и 60 странски новинари. (А.М.М.)