ОДИХР се подготвува за политички тензии и немири на изборите, од реформите крена раце

Ни мисијата на ОДИХР во земјата не успеала да добие увид во изборните реформи што се договараа од лани и за кои партиите мистериозно молчат


 

По следењето на 20 избори и референдуми во земјата ОДИХР ќе дојде и на  претседателските и  парламентарните во април и во мај, за да се увери дека ништо од тоа што препорачува не се усвојува и дека политичките партии што ја „заробија“ државата и направија монопол од власта –  немаат намера да ја делат и натаму со независни кандидати или нови актери.

Оценската мисија на ОДИХР, што во текот на февруари беше во земјата, ќе бара 24 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи за да ги следат изборите, со генерална оценка дека на изборните закони им треба суштинска реформа, дека и овојпат подготовките за нив почнале предоцна и прашање е дали до изборите нешто ќе се смени од тоа што го бараа тие во претходните циклуси.

ОДИХР притоа забележува дека последен пат Изборниот законик бил изменет непосредно пред изборите во 2021 година и, иако лани летото амбициозно почна со работа експертски тим составен од Министерството за правда, па и одржа финална прес-конференција на која најавија дека партиите се усогласиле околу барањата на ОДИХР (освен за државното политичко рекламирање), текстот за измените се криеше а потоа и скандалозно исчезна од јавната сцена.

И на преставниците на ОДИХР им била најавена можноста  дека „допрва треба да се усвојат некои технички измени“, иако кога почна со работа експертската група најавата беше дека ќе договорат реформи за сите препораки на ОДИХР, а „дебатата за изборниот модел и евентуален премин кон една изборна единица, кон отворени листи и за нов изборен праг“ ќе ја остават за потоа, на политичките партии. Место тоа, преживеа државното политичко рекламирање во медиумите иако силно се противеа и ОДИХР и новинарските здруженија, а минатата недела на мала врата се усвои демократски ретроградна одлука отсега секој што ќе се кандидира на избори да мора да собере потписи од еден отсто од гласачите во таа изборна единица. Тоа значи дека ако некој независен кандидат сака да се кандидира на изборите за советник во Скопје ќе мора да собере над 4.600 потписи, или половина од тоа што треба да соберат кандидатите за претседател на државата и четири пати повеќе од гласовите што треба да се приложат за формирање политичка партија. 

Според оценката на ОДИХР иако процесот „бил широко консултативен и конструктивен“ (со исклучок на бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ), тој не започнал во временска рамка што разумно можела да резултира со значајна реформа пред изборите, дека недостасувала транспарентност во последната фаза и конечната содржина на нацрт-амандманите воопшто не е достапна. 

„Некои партии, како ВМРО-ДПМНЕ, решија официјално да не учествуваат во работата на експертската група на Министерството за правда, додека паралелно и зад затворени врати се преговараа потенцијални амандмани меѓу главните политички партии. До посетата на мисијата (2 февруари) официјалниот нацрт на предложените амандмани не беше формално доставен до парламентот, а поради недоволната  јасност во ставовите на засегнатите страни остана крајната содржина  на нацртот или на некоја верзија што допрва ќе се донесе, да се донесе пред изборите“, стои во извештахот на ОДИХР. 

Дека веќе ни во ОДИХР не веруваат дека било што суштинско ќе се смени околу изборните правила освен шминка или глумење реформи, се гледа од следниот пасус во кој стои:

„Без оглед на какви било потенцијални измени во законската рамка непосредно пред одржувањето на изборите, голем број од претходните препораки на ОДИХР не се имплементирани, вклучувајќи ја и таа за систематско ревидирање на Изборниот законик  преку инклузивни консултации, за да се усвојат мерки за подобрување на транспарентноста околу финансирањето на политичките партии и кампањите, да се ревидираат прописите за распледелба на платените политички реклами,  да се утврдат јасни процедури за мандатите и именувања на членови во државните изборни комисии и да се отстранат ограничувањата што го попречуваат ефективното решавање на изборните спорови“. 

 Во извештајот на ОДИХР има и други оценки кои фрлаат сенка на изборниот процес. Па, така, во него стои оценката дека некои од соговорниците во Македонија предупредувале дека медиумското покривање на изборната кампања е фрагментизирано и поларизирано,  дека има забележителен пораст на националистичката реторика  што може да резултира со засилени немири и тензии, дека била забележливо зголемувањето на нетолерантната и насилна реторика, што може да се толкува и како говор на омраза, вклучително и кон етничките малцинства.

Државата, оценува ОДИХР, ги плаќа сите политички рекламирања и на претседателските и на парламентарните избори, што за некои е пофално, но за други е поттикнување на клиентелизмот од страна на политичките партии во медиумите. Притоа се цитираат и забелешките на Државниот завод за ревизија кој побара дополнително регулирање за финансирањето на онлајн кампањите, вклучувајќи ги и социјалните медиуми, како и построги критериуми за електронските медиуми за да аплицираат за политички огласи. Притоа, ОДИХР цитира соговорници кои посочиле на непријателска реторика од политичарите, носење на законодавство кое има ефект на замолчување на новинарите и пролиферација, т.е. множење на онлајн медиумите непосредно пред изборите, за кои се чини дека немаат друга цел – освен да земат дел од колачот со политички реклами. Во однос на распределбата на медиумското време се забележува дека тоа ги фаворизира големите партии и е нефер, додека за фактот дека  претседателските и парламентарните избори ќе се одржат паралелно стои оценката дека тоа ја зголемува можноста од политички немири или тензии, особено што претседателските кампањи можат да послужат ефективно  како продолжени кампањи за парламентарните.

ОДИХР забележува исто така дека ниту еднаш досега не се поминал прагот за да бидат избрани трите пратеници од дијаспората, дека ДИК ги известил за гласањето со стари документи по стапувањето во сила на Преспанскиот договор и дека во ова тело размислуваат за пилот проект со кој ќе се овозможи електронско пренесување на неофицијалните резултати од избирачките места, поради проблеми со физичкиот пристап до повеќето простории на изборната администрација. На крајот, ОДИХР наведува дека постои општа доверба во точноста на избирачкиот список, но дека проблем е точниот број на гласачи бидејќи значителен број од граѓаните не живеат во земјата.