Од понеделник почнуваат со работа и хотелите, најави министерот Бектеши


Од понеделник, 22 jуни почнуваат со работа хотелите, најави на Фејсбук министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој додаде дека на денешната седница на Владата е донесен Протоколот за работа на угостителските објекти за сместување.
„Како Министерство за економија доставивме предлог протоколи кои се усогласени со Европската комисија за целосна заштита на гостите во угостителските објекти“, вели Бектеши.
Хотелиерите повеќе пати до сега бараа отворање на објектите.

Минатата недела туристичките работници беа на состанок со министерот Бектеши на кој стана збор за протоколи за работа на хотелите, отворање на камповите, плажите, рестораните за свадби и игротеките.

Претставниците од туристичко-угостителскиот сектор потенцираа дека е неопходно што поскоро да се донесат протоколи за работа на хотелите, за што Министерството за економија ќе ги достави препораките од Европската комисија до Комисијата за заразни болести за нивно носење, беше соопштено од состанокот.

Најавата за отворање на хотелите доаѓа во екот на кампањата која што ја спроведува Владата „Дома си е дома“ со која на над 117 илјади граѓани со ниски приходи им се доделуваат ваучери по 6.000 денари кои ќе може да бидат искористени од 15 јули до 15 декември годинава. Покрај ваучерите за домашен туризам, граѓаните со ниски приходи ќе добијат и платежна картичка од 3.000 денари.

Кампањата, меѓутоа целосно паадна во сенка со скандалите околу изборот на фотографии со кои се рекламира. Прво на насловната страница на платформата „Дома си е дома“ беше објавена фотографија од местото Конигсе, Германија, а денеска медиумите јавија за нова грешка со која ваучерите се илустрирани со фотографија од француското езеро Анисе. (М.Ј.)