Од Никола Ефтимов до Росица Мршиќ: Мода, музика и дегустација во Скопје


Македонската мода се врати синоќа на голема врата дома, на отворено, под ѕвезденото небо на Музејот на современа уметност од каде има најубав поглед на Скопје, на модниот настан Expo. 30, поддржан од Владата по повод 30 години независност.  

Со ковид-мерки, под големо обезбедување, со ригорозна листа на гости, без фоторепортери, ама со документарец, ревии на најпознати дизајнери но и студенти, со дегустација на македонски производи, со квалитетна диџеј-музика од домашната сцена и со дотерана публика која со нетрпение чекаше да види и да биде видена.

Организаторот Боттега Евенти, успеа да ги надмине суетите во модната фела и да ги донесе на сцена дизајнерите од трите декади и три факултети за моден дизајн со групна модна ревија.

Синоќа модни ревии имаа Никола Ефтимов, „Лудус“, Росица Мршиќ, Евгенија Зафировска и Нела Тодоровска – „Маригуча“, а вечерва  се ревиите на Лидија Георгиева, Силвија Михајловска – „Алшар“, Митко Занов, Јована Филиповиќ и Тања Кокев. На заедничка ревија ќе се претстават и студентите по моден дизајн од три факултети, од Институт за дизајн и инженеринг на облека од Технолошко-металуршки факултет при УКИМ, Факултет за арт и дизајн при Европски универзитет и Факултет за текстил, дизајн и моделирање при Универзитет Мајка Тереза. 

Пошироката публика има можност да ги следи сите модни ревии онлајн на следниот линк https://bottegaeventi.com/exppo-30/ (Л.С.)