Од лажни доктори до ризични предизвици – како дезинформациите стануваат опасни
Лани од 60 пријави за злоупотреба на лични податоци, четри се за кражба на идентитет од доктори кои наводно дале инетрвјуа за рекламирање чаеви и медицински средства
ЕЛИЦА БОЧВАРОВСКА
Лани четворица доктори до Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи пријавиле кражба на идентитет, со ширење на лажно видео креирано со вештачка интелигенција. Од Државното јавно обвинителство ни изјавија дека засега не може да се споделат дополнителни информации, бидејќи истрагата е во тек и најверојатно се работи за поширока истрага во која е вклучена и меѓународна правна помош. Колку овој случај е економска измама поврзана со странско мешање и манипулации со информациите допрва треба да покаже истрагата. Вакви случаи имаше и пред неколку години кога се злоупотребуваа личните податоци на познати лекари за рекламирање одредени производи.
Според податоците што ги добивме од Министерството за внатрешни работи, во текот на 2025 одина до Сектор за компјутерски криминал доставени се 60 пријави за измами на Интернет, од кои 20 пријави се за злоупотреба на лични податоци на Интернет.
„Oд тие 20 пријави, четири се од доктори за кражба на идентитет, поконкретно начинот на стореното кривично дело е ширење на лажно видео креирано со вештачка интелигенција и воедно лажно интервју кое се користи за рекламирање и продажба на одредени производи“, велат од МВР.

Како и за сите други кривични дела, така и за ова, МВР го известило Основното јавно обвинителство и се преземаат мерки за откривање на сторителот, како и за лоцирање на ИП- адреси од кои се креирани профилите на кои се споделени лажните видеа.
„Пријавите се поврзани со вирално ширење на лажни интервјуа и постови во кои се користат име и слика на познати доктори, при што користејќи го нивниот углед и популарност без нивно одобрување се користеле за рекламирање препораки за некакви производи, најчесто се работи за чаеви за слабеење или за лекување на разни заболувања, кои пријавителите никогаш не ги дале“, објаснуваат од МВР, но не можат да дадат повеќе информации, бидејќи истрагата е во тек.
Сличен ваков случај имаше пред неколку години кога беа злоупотребени податоците на лекари од Македонија за продажба на чаеви, а сличен случај беше откриен и во соседна Србија со злоупотреба на имињата на нивни познати лекари.
Дел од здравствените работници и самите на социјалните мрежи предупредуваат кога податоците и фотографиите на нивни колеги и колешки се злоупотребени за рекламирање одреден лек или производ за подбрување на здравјето.
Од Агенцијата за лекови и медицински средсва (Малмед) не одговорија на нашите прашања дали овие злоупотреби се пријавени кај нив и како постапиле, ниту што ќе преземат за вакви случаи да не се повторуваат. Ова е важно, бидејќи меѓу лажните објави и видеа има и такви кои рекламираат и одреден лек, како што беа објавите за лекот Оземпик, кој првенствено се употребува за регулирање на шеќерот во крвта, но се употребува и за слабееење и кој слободно може да се купи во аптеките, без при тоа да се напомене дека сепак е тоа лек и не смее да се користи без препорака и надзор од лекар специјалист. Македонските медиуми повеќе пати објавуваа стории за опасноста од тоа лекот да се зема на своја рака само за слабеење, а лани есента на социјалните мрежи пак имаше објави каде тој се рекламира за слабеење каде беа злоупотребени податоците на здравствени работници.
Опасни предизвици за децата
Често сме сведоци на т.н. предизвици кај основците и средношколците кои најчесто се шират преку социјалните мрежи и доаѓаат од други земји. Се работи за ризични ситуации кои наизглед се наивни шеги, но може сериозно да го загрозат нивното здравје.
Таков беше „предизвикот“ кој на почетокот на минатата година почна да се шири преку социјалните мрежи во ЕУ и САД, беше натпревар кој може да испие поголема количина од лекот парацетамол, кој се користи за намалување на покачена температура. Македонските лекари веднаш алармираа и до родителите и до наставниците за навреме да преземат мерки.
Д-р Нико Беќароски од Клиниката за токсикологија уште веднаш со објава на Фејсбук предупреди веднаш да се разговара со децата, бидејќи се работи за ризик, со оглед на тоа дека неправлната и неконтролирана употреба на овој лек може да предизвика сериозни оштетувања на црниот дроб.
Алармот кај македонските лекари веднаш беше вклучен, бидејќи претходно меѓу основците и средношколците заживеа еден друг предизвик, кој исто така се ширеше преку социјалните мрежи, а предизвика сериозни повредии кај повеќе деца. Предизвикот се состоеше во тоа што поголема група деца фрлаат едно или две деца во воздух и потоа се тргаат настрана додека тие паѓаат на земја. За среќа, вели Беќаровски предизвикот со парацетамолот кај нас не заживеал.
„Кај нас на клиниката немаше случаи на деца на возраст над 15 години кои се предозирале со парацетамол. Дали имало од помалата возраст не би знаел, бидејќи тие се лекуваат на Клиниката за детски болести“, ни изјави д-р Беќароски.

Од Клиниката за детски болести, пак, не одговорија на нашите прашања, дали кај нив имало вакви случаи. Неофицијлно, нема регистрирано ваков случај на Клиниката.
Но, надвор од нашите граници, случаите во Белгија лани кога тројца ученици завршиле во болница и оние пред дестина години во Велика Британија (Гардијан) завршил во болница токму поради предозвирање со парацетамол, беа причина дел од западните и европските земји да донесат ограничувања и забрани за децата да можат да имаат профили на социјални мрежи.
Ваква инницијатија од невладиниот сектор неодамна имаше и во Македонија, за ограничен пристап на малолетници до социјалинте мрежи. Но, според Министерсгвото за информатичко општетство и администрација нема потреба од донесување на вакви ограничувања, бидејќи ваква мерка би била премногу радикална и оставаат родителите сами да контролираат кои апликации ги користат нивните деца и колку време поминуваат на Интернет.
Контроверзната изјава на Трамп за парацетамолот
Во јавноста брзо се прошири изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп кој ќе ги советуваше американските лекари да не им го даваат лекот против болки „тајленол“ (каде главна состојка е парацетамолот) на бремените жени, поврзувајќи го со аутизам кај децата. Белата куќа за оваа изјава на Трамп се повика на неколку студии во кои парацетамолот кој бил земан за времена бременоста е поврзува со аутизам и нарушено внимание кај децата. Оваа изјава предизвика лавина реакции кај лекарите и лекарските здруженија, кои веднаш излегоа со демант на оваа изјава и со контратврдење дека парацетамолот е најбезбедниот лек кој може да го дадат за време на бременоста, доколку има потреба од тоа. Дел од лекарите пак изразија загриженост дека оваа изјава на претседателот на САД, иако не е научно поткрепена, ќе предизвика страв, особено кај родителите со мали деца.

Во Македонија, како и во повеќето други земји, оваа изјава на американскиот претседател веднаш беше демантирана од лекарите, пред сè гинеколози, но имаше и такви кои ја поддржаа.
Гинекологот Ненад Лазаров, во објава на социјалните мрежи предуппреди дека оваа изјава не треба да се зема предвид и дека поголема штета може да предизвика тоа ако ништо не се даде занамалување на покачената температура кај бремените жени, отколку од самиот лек.
„Не постои никаков силен научен доказ за поврзаност на употреба на парацетамолот во бременост и аутизам и апсолутно нема потреба да се слушаат небулозни совети од лик како Трамп. Досегашните големи студии, вклучително и шведска студија спроведена на 3,4 милиони деца не наоѓаат поврзаност меѓу неговата употреба во бременоста и ризик од аутизам, АДХД или интелектуална попреченост. Актуелниот консензус на стручната заедница по ова прашање е дека доколку се употребува во краток интервал и во минимална ефективна доза, парацетамолот останува прв избор за аналгетик во бременоста“, ни изјави д-р Лазаров.
Спротивно на изјавите на гинеколозите дека парацетамолот е еден од најбезбедните лекови, претседателката на Здружението на матични лекари д-р Лилија Чолакова-Дервишова лани излезе со изјава дека не тврди оти изјавата на Доналд Трамп е дезинформација и дека зад неа сигурно стои стручна фела, но дека на своите пациенти им препорачува што помалку да пијат лекови ако нема потреба и дека имале пациенти кои долго го користеле и тоа предизвикало малигнитет на црниот дроб.
Д-р Чолакова-Дервишова од оваа дистанца, сега вели дека нејзината изјава не била за да се поддржи или оправда изјавата на претседателот на САД, туку повеќе како апел до пациентите кога имаат болки и температура веднаш да не земаат лекови на своја рака.
„Постојано апелирам и до моите пациенти, лековите да не се земаат како бонбони и да не се користат поголеми дози од пропишаните, како и да не ги користат долготрајно. Ова се однесува на парацетамолот и други лекови против болки, бидејќи во мојата досегашна клиничка пракса имаме случаи кога подолго време го кристеле лекот и во поголеми дози и тоа предизвикало карцином на црниот дроб. Овие лекови не се бонбони, имаат високотоксични својства врз црниот дроб, кој е главна лабораторија на организмот за прочистување. Советите кои ги давам и на моите пациенти е во случаи кога имаат покачена темепература, прво да пробаат со рехидратација по природен пат, или ако веќе пијат антибиотици и други лекови, никако да не го мешаат со алкохол“, изјави Чолакова-Дервишова.

Д-р Иво Ќаев, гинеколог од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје вели дека изјавата на претседателот на САД за парацетамолот за среќа немала голем ефект, барем од неговото искуство.
„Изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за парацетамолот не предизвика никаква вознемиреност или паника кај бремените жени кои доаѓаат кај нас на редовни прегледи или за породување, затоа што веднаш беше демантирана и од стручната фела. Овој лек го препорачуваме токму за бремени жени како најбезбеден. За среќа оваа изјава за парацетамолот не одекна силно кај популацијата. Според светските протоколи не е сугерирано тие да го избегнуваат, и се смета за еден од најбезбедните лекови кои бремените жени може да го земаат без приотоа да се наштети на плодот. Исто така, има студии кои докажуваат дека земањето парацетамол за време на бременоста не е поврзано со појава на аутизмот, како што беше дел од изјавата“, вели д-р Ќаев.
Тој објаснува дека од пациентките кои минуваат низ амбулантите на ГАК нема случај на бремена жена која се предозирала со парацетамол или дека неговото користење предизвикало некаква штета кај мајката или кај бебето.
Случаите со злоупотреба на идентитет, опасните онлајн предизвици и ширењето непроверени здравствени информации покажуваат дека дигиталниот простор станува сè покритичен за јавното здравје и безбедноста. И додека институциите сè уште ги истражуваат изворите на овие појави, клучна останува улогата на навременото информирање, стручните реакции и медиумската писменост на граѓаните.
