Од каде потекнува терминот „Black friday“?


Како од сите страни да слушаме за шопинг за „црн петок“, сите се подготвуваат викендов да го одрврзат ќесето и да се почестат со нова гардероба, техника или подароци за претстојните празници.
Но, што е „Black friday“? И зошто се вика така? Има две објаснувања за прекарот на денот на кој официјално започнуваат празничните намалувања и попусти.

Според првата теорија, името „Црн петок“ првпат било употребено во 1960-тите во Филаделфија. Еднаш годишно во тој град се одржувал традиционален натпревар во американски фудбал меѓу припадниците на армијата и морнарицата. Организаторите секогаш „темпирале“ мечот да биде во сабота по Денот на благодарноста, кој се паѓа во четврток на крајот на ноември.
Илјадници туристи ја преплавувале Филаделфија ден пред натпреварот, да го обиколат градот, да пазарат пред празниците и да се забавуваат. Локалните трговци секогаш се подготвувале за наплив на купувачи и пониски цени за да ги привлечат што е можно повеќе.

Полицијата во Филаделфија едвај успевала да се справи со толку многу туристи кои во петок би испиле малку повеќе алкохол, што создало метеж на улица и во сообраќајот, но и несреќи, ситни кражби, тепачки… По неколку години интерно името за денот пред натпреварот за полицајците во Филаделфија бил „црн петок“.

Според друга теорија, овој шопинг „празник“ на крајот на ноември го добил името по економски термин од англискиот јазик. Кога трговецот е „во црно“, тоа значи дека има доволно приходи да ги покрие трошоците и дека може да си дозволи да ја намали цената.

Инаку, „Black friday“ започна низа придружни празници во денешното потрошувачко општество, па тука е и „Small business Saturday“, односно сабота кога клиентите треба да го посветат своето внимание и пари на локалните, мали трговци. А „Сајбер понеделник“ е денот кога цените во онлајн продавниците се намалени!