Од Јована Филиповиќ до Тања Кокев: Заврши ЕXPO 30 – настан кој во фокусот ја прикажа македонската мода


Ветераните на модната сцена се измешаа со студентите по мода синоќа на втората и последна вечер на ЕXPO 30 во МСУ во Скопје кој во фокусот ја имаше македонската мода, заедно со промоција на диџејската домашна сцена и дегустација на македонски производи. Модниот настан, поддржан од Владата по повод 30 години независност, предизвика интерес и меѓу учесниците и меѓу гостите кој по подолго време се потсетија на модните настани и дружења во државата. Досега континуитетот го држи Модниот викенд на Света Богова-Јовановска која најавува ново издание од 1-3 октомври, и тоа на три различни македонски локации: Скопје, Битола и Штип.

Синоќа беа ревиите на Лидија Георгиева, Силвија Михајловска – „Алшар“, Митко Занов, Јована Филиповиќ и Тања Кокев. На заедничка ревија се претставија и студентите по моден дизајн од три факултети, од Институт за дизајн и инженеринг на облека од Технолошко-металуршки факултет при УКИМ, Факултет за арт и дизајн при Европски универзитет и Факултет за текстил, дизајн и моделирање при Универзитет Мајка Тереза. 

Завчеравечер, модни ревии имаа Никола Ефтимов, „Лудус“, Росица Мршиќ, Евгенија Зафировска и Нела Тодоровска – „Маригуча“.