Од денеска до 9 мај ќе се одвива гласањето на Турците во странство за изборите на 14 мај


Од денеска Турците кои живеат во странство ќе можат да гласаат за претседателските и парламентарните избори во Турција на 14 мај, а најголемата дијаспора од 1,5 милиони ќе го даде својот глас во Германија, јави ДПА.

Гласањето во странство ќе биде можно до 9 мај, а само во Германија се отворени вкупно 26 избирачки места.

За претседателските избори во Турција во 2018 година, Германија беше во центарот на жестока дебата, кога претседателот Реџеп Тајип Ердоган ги обвини германските власти за блокирање на неговата кампања во земјата.

Вакви тензии овој пат не се очекуваат.

По 20 години на власт, Ердоган се соочува со најтешкиот изборен тест досега. Неодамнешните анкети предвидуваат тесна трка меѓу актуелниот претседател и Кемал Киличдароглу, водач на редок опозициски табор на секуларни, конзервативни и националистички фракции.

Вториот круг меѓу двајцата главни претседателски кандидати ќе се одржи на 28 мај, освен ако гласањето на 14 мај не донесе јасен победник со повеќе од 50 отсто од гласовите.