Од денес достапна „Македонска држава“ – дигитална ризница на македонското историско наследство

Денес започнува со работа “Mакедонска држава”, најголемата дигитална библиотека за македонското историско наследство. Платформата стартува со повеќе од 300 поставени примероци на електронски книги, историски документи и истражувања кои опфаќаат повеќе од 150 години македонска историја, култура и поезија.
Зад платформата стои група млади ентузијасти и љубители на македонското културно наследство, кои во изминатиот период вложија многу труд за да ги соберат, дигитализираат и систематизираат достапните материјали од различни библиотеки, архиви, приватни збирки и јавни извори. Нивната визија е едноставна, македонската историја и култура да бидат зачувани и споделени со сите преку оваа дигитална архива.
„Македонска држава“ е замислена како постојано растечка дигитална архива чија цел е да ги поврзе истражувачите, учениците, професорите, новинарите и сите што ја негуваат љубовта кон македонската историја и култура во заедница што активно го чува и пренесува националното наследство. Со редовно додавање на нови содржини, платформата ќе се развива во сè побогата ризница на знаење и колективна меморија.
Иако во моментов е достапна на англиски јазик, уште овој месец ќе ја добие и македонската верзија, а потоа и преводи на други јазици. Така, библиотеката ќе биде подеднакво корисна за граѓаните дома, за македонската дијаспора, но и за меѓународната јавност која сака да се запознае со македонската културна и историска традиција.
Посетете ја www.makedonskadrzava.com и истражете ја колекцијата.