Од биоразградливи хулахопки до накит од е-отпад: Македонија се приклучи кон трендот на одржлива мода (галерија)


Беше модно и професионално уживање да се биде дел од 24. Моден викенд кој викендов од Скопје се пресели во Битола како град кој ја сака модата и во Штип како центар на текстилната индустрија. Амбициозната програма на Света Богова-Јовановска под слоганот „Beyond the Fields” им даде простор за промоција на 30 креативци и нивните дела за време на иницијативниот проект NoWasteMK- фузија од физички и виртуелни активности, реализирани со грант од Circular Design Assembly, доделен од British Council . Преку шоурум, изложба, експериментална колекција и сет на разговори на тркалезна маса, NoWasteMK вчера , во автентичниот клуб „Јагода“ (во зградата на Старата железничка станица во Битола)  се истражуваше и се дискутираше на теми за одржливост и се споделуваше знаење кое треба да ги поттикне потребните промени кон поодржливо општество и индустрија.

Дојде многу публика, претежно од Битола, сите дотерани и нашминкани, повеќето на високи потпетици, разгледуваа, ги пробуваа креациите, се фотографираа со омилените дизајнери и креативци. 

Тоа е всушност визијата и целта на Моден викенд Скопје и Македонската модна асоцијација. Да ја претстави работата на дизајнерите кои ги менуваат правилата на игра во модниот бизнис како Стефанија Насеска, Евгенија Зафировска, Хана Зека – Fight or Flight brand, Four Twenty Two, KTN, Son of Salome, Мирјана Јосифоска, Роберт Ивановски, Luna Aditeya, Leap Concept и работата на студентите од Академијата за моден дизајн  „Џолев и уметностите“. Да се видат уникатните парчиња накит на шоурум  ACHTUNG BAUSTELLE! на Маја Стојковска изработен со електронски отпад кој е многу популарен во странство, или да се слушне дека во Македонија се произведуваат биоразградиви хулахопки со алое вера кои ги негуваат нозете при носење – на семејниот бизнис на Сања Лазаревска и нејзината компанија „Four Twenty Two“…

Првата тркалезна маса и онлајн дискусија “Circular Fashion and Textiles”, ја модерираше Наташа Сивевска од Текстилна Трговска Асоцијација – Кластер за Текстил, а  дискусијата на тема “Product design for the environment” на тркалезна маса беше модерирана од модната дизајнерка Ирина Тошева и врвни професионалци од креативната индустрија кои презентираа успешни примери за системот на циркуларната економија во земјата .

Денес во Штип ќе биде прикажан проектот „Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип”, а студентите на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот„Гоце Делчев“ од Штип под менторство на доц. д-р Сања Ристески ќе имаат моден перформанс со моделите добиени од активностите од проектот.

Л. Сабит

Фото: Антонио Станков, Марко Вилиќ