Од 1 април, зонско во Реонски центар
Долгонајавуваното зонско паркирање, во Реонски центар и Ново Лисиче, почнува со примена од 1 април годинава. Последно беше најавено за октомври лани, но тоа не се случи. Прво почнува кај Реонски, односно кај маркетите „Жито“ и „Кам“, како и трговскиот „Лиса“, а потоа и од спротивната страна во реонот на Ново Лисиче, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска заедно со градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески.
„Нова зона и нови дигитални услуги за корисниците на „Градски паркинг“ – чекор напред кон поуредено и пофункционално секојдневие. Денес, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и директорот на ЈП „Градски паркинг“, Владимир Кроневски, го означивме почетокот на нов, современ начин на користење на услугите, како и стартот на новата зона D12, лоцирана во Реонскиот центар во Општина Аеродром.
Станува збор за простор кој се уредуваше во повеќе фази, поради неговата големина и значење“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

По добивањето на сообраќајното решение, поставена е вертикална и хоризонтална сигнализација, со што во функција се ставаат 1.302 паркинг места, дополнети со 32 наменети за лица со попреченост, односно вкупно 1.334 уредени паркинг позиции.
Зоната ги опфаќа улиците 1612 и 1613, односно целиот Реонски центар.
„Од 1 април, сите станари, како и физичките и правните лица со издадена дозвола, ќе можат да паркираат исклучиво во зоната за која ја поседуваат дозволата. Станарите добиваат можност за две бесплатни дозволи за станарски возила, а право на паркирање ќе имаат и вработените во правни субјекти кои гравитираат на зоната, како и останатите заинтересирани корисници. За останатите, цената ќе изнесува 25 денари за час“, додаваат од таму.

Канцеларијата за аплицирање се наоѓа во зградата на Рударски институт на бул. ,,Јане Сандански” бр.113.
Паралелно со ова, воведуваме и нов, дигитален пристап кон услугите.
Од 01.04.2026 година, ќе може да се поднесуваат барања за дозволи по електронски пат преку платформата „moj.parking.mk“, за сите паркиралишта под надлежност на „Градски паркинг“ – зонско паркирање, паркиралишта со рампа и катни гаражи.
Истовремено, овозможено е и онлајн плаќање на месечните и годишните дозволи, со што значително се поедноставува и забрзува целиот процес.
Дополнително, во тек е подготовка на нова зона за паркирање во Ново Лисиче, каде што веќе се поставува соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и дополнително ќе се пристапи кон поставување на информативни табли за зонско паркирање, која ќе овозможи 2.719 места, најавува Ѓорѓиевски.
Со ова се надеваат дека ќе стават ред во паркирањето, намалување на сообраќајниот хаос и создавање фер и функционален систем кој ќе им служи на граѓаните.
Уреден јавен простор, еднакви правила за сите и современи услуги што го олеснуваат секојдневието.
Но, сликата на овој паркинг не е така светла како што најавуваат градоначалниците. На Фесјбук групите постојано се појавуваат фотографии од хаварисани возила, кои долго време стојат на паркингот и покрај неколкуте акции спроведени за нивно отстранување. Дополнително, таму се паркираат и автобуси за меѓуградски сообраќај.

Исто така, жителите споделуваат фотографии од места обележани за инвалидизирани лица, кои се узурпирани од продавачи на овошје и зеленчук. Дали ќе се смени состојбата од 1 април останува да видиме.