Обвинителен предлог за нападот врз градоначалничката на Скопје, продолжен притворот за осомничениот


Фото: Б. Грданоски

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен предлог против лицето С.Љ. за кривично дело насилство, во врска со настанот што се случи на 11 јули 2025 година, при што беше нападната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека заедно со обвинителниот предлог е поднесен и предлог за продолжување на мерката притвор, кој е прифатен од страна на судот поради постоење на законски основи – опасност од бегство и можност за повторување на делото. 

-Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот кривичен суд Скопје, достави обвинителен предлог против С.Љ. за кривично дело Насилство од чл. 386 ст.3 вв со ст.1 од КЗ, а заради тоа што на 11.07.2025 година извршил грубо насилство врз градоначалничката на Град Скопје. Воедно со обвинителниот предлог доставен е и предлог на Јавниот обвинител за продолжување на мерката притвор против обвинетиот согласно чл. 470 ст.1 т.1 и 2 од ЗКП, стои во соопштението од Кривичен.

Воедно, од Кривичен информираат дека согласно обвинителниот предлог, оформен е кривично правен предмет со К.бр. 1338/25 кој откако ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија, и ќе биде насрочена главната расправа, истата ќе биде достапна преку календарот за судење на веб страницата на судот.

Според обвинителниот предлог, на 11 јули, на улицата „Севастополска“ во Скопје, обвинетиот извршил грубо насилство врз градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, со кое предизвикал телесна повреда кај оштетената и чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста.

– Додека градоначалничката заедно со овластени службени лица, присуствувала на локација по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводна и електропреносна мрежа на објект, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки. Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја најпрво по лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил и вербално да ја навредува и да и се заканува, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

За истиот настан, за насилство со вербални закани кон градоначалничката беше пријавено уште едно лице, меѓутоа, како што информираат од ЈОРСМ, по прибирање на сите докази, вербалните искази на сведоците и оштетените, како и извршеното препознавање со соочување се утврди дека оштетените не го препознаваат пријавеното лице како сторител на заканувачки и насилнички дејствија кон нив.