Обвинение за ексдиректорот на СОЗР: Приватно го користел владиниот авион и службените картички
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), кој се товари за продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и за „Фалсификување службена исправа“.
Станува збор за Пеце Мирчевски, поранешниот прв човек на Службата за општи и заеднички работи во Владата. Според обвинението, во периодот од јули 2021 до март 2024 година, обвинетиот без законска основа потпишувал решенија и патни налози за службени патувања во странство за себе и за повеќе вработени во СОЗР.
Обвинителството тврди дека за приватни потреби го користел владиниот авион „Лирџет 60“, а од буџетот на службата биле плаќани различни трошоци поврзани со патувањата, како и хотелски и угостителски услуги преку службена платежна картичка. Со овие дејствија, според Јавното обвинителство, буџетот на СОЗР бил оштетен за 2.562.139 денари.
Во обвинението се наведува и дека обвинетиот не презел мерки против пилот вработен во СОЗР, иако бил информиран дека не ги исполнува потребните стандарди за управување со владиниот авион. Наместо да побара враќање на трошоците за обуката и да иницира прекин на работниот однос, му овозможил да продолжи да прима плата, со што, според обвинителството, биле предизвикани дополнителни 5.431.624 денари штета.
Дополнително, обвинетиот се товари и за фалсификување службени исправи во постапки за јавни набавки за изнајмување возила. Според обвинението, во изјавите за непостоење судир на интереси навел невистинити податоци, иако тој и неговата сопруга бесплатно користеле возила од фирмата што ги добила договорите.
Во истиот предмет беше водена истрага и против сопственикот на рент-а-кар компанијата за кривичното дело „Давање поткуп“, но јавниот обвинител ја запрел постапката бидејќи не биле обезбедени докази дека постоела намера преку давање бесплатни возила да се влијае врз доделувањето на јавните набавки.