Обвинение против телохранителот на Мицкоски, ја давел сопругата пред малолетната ќерка


Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против телохранителот на премиерот Христијан Мицкоски, кој е осомничен за семејно насилство врз сопругата.

Според Обвинителството, насилството се случило по претходна расправија во семејниот дом, кога обвинетиот физички ја нападнал сопругата пред очите на нивната малолетна ќерка.

– Обвинетиот ја удирал оштетената по лицето и главата, а потоа ја фатил за вратот и почнал да ја дави – наведуваат од Обвинителството.

Жената успеала да се засолни во тоалетот, а подоцна, кога се обидела да го напушти домот со детето, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил мобилниот телефон. Таа заедно со ќерката побарала помош кај сосетка, која ги примила во својот дом. Осомничениот е во притвор.