Образованието на колена: Како ќе се борат за „петки“ со наставници оценети со „единица“


Какви генерации ќе создадат четиринаесеттемина наставници и стручни соработници чии работни обврски се оценети со единици? Ќе добие ли државата осакатени генерации – неписмена младина, од овие кадри поставени во образовните установи? Што треба да преземат надлежните да се надминат ваквите состојби? Во извештајот на Државниот просветен инспекторат за квалитетот на воспитно-образовниот процес во учебната 2017/2018 година загрижува и податокот дека 319 лица се ангажирани да реализираат настава за предмети за кои не се соодветно образувани.

Професорот Људмил Спасов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вели дека наставниците оценети со слаби оценки ќе им направат огромни штети на идните генерации. Тој посочува пример – ако еден наставник им предава на минимум 20 ученици, штетата се умножува со геометриска прогресија. Тој вели дека инспекцијата само констатира, но образовните власти треба да дејствуваат и да одлучат дали ваквите кадри треба да останат на работните места.

„Надлежните треба да дејствуваат. Да им се даде опомена на наставниците што се оценети со единица, зашто има и други квалитетни наставници што чекаат на ред да се вработат во училиштата. Кога се вработуваат наставен кадар и стручни соработници во училиштата, тие треба се ценат по квалитетот, а не по партиски или роднински врски“, вели Спасов. Тој нагласува дека е потребна селекција на кадрите, оние наставници кои имаат слаби оцени да се тргнат од воспитно-образовниот процес, колку и да е тоа болно. „Основните и средните училишта се под надлежност на општините. Штетите не се мерат, автоматски ќе трпат многу генерации. Има и друг проблем во селата. Немаат соодветен кадар, па ангажираат некој што завршил англиски или француски јазик, кој нема часови, па го предава предметот македонски јазик и литература и обратно. Сево ова покажува дека сепак е потребна академија за наставници. Иако јас порано се бунев за неа, сега сфаќам дека е потребна. Таа академија треба да служи како проверка за тоа дали оние што завршиле наставна насока се способни да бидат наставници“, објаснува Спасов.

Професорот Кирил Барбареев од Универзитет„Гоце Делчев“ во Штип вели дека системот не е поставен на клучни столбови, а промените во образованието ќе почнат да се случуваат откако ќе воведат стандарди како клучен елемент за подигање на квалитетот.

„Клучното прашање е во одговорноста. Кој е одговорен? Состојбите се поразителни бидејќи одговорноста и должноста не се јасно дефинирани, не се распределени, а доколку се, тогаш не се прифаќаат сериозно, се одбиваат. Промените во образованието ќе почнат да се случуваат откако ќе воведеме стандарди како клучен елемент за подигање на квалитетот. Суштината на проценката на постигнувањата на ученикот треба да биде точна оцена на нивните постигнувања во однос на сите други надворешни критериуми. За жал, во системот нема јасни механизми за следење и обезбедување квалитет ниту доволна свест за брзи и реални промени“, посочува Барбареев.

Во извештаите е констатирано и дека најголем број од наставниците не се обучени да планираат и да реализираат настава во комбинирана паралелка за ученици од повеќе одделенија. Повеќето наставници не изготвуваат и не користат критериуми за оценување, иако е потребно да ги применуваат. Дополнителната настава е слаба страна во 80 отсто од училиштата. На ниво на сите основни училишта е утврдено дека не се користат стандардизирани тестови за упис на деца во прво одделение. Основните училишта недоволно се опремени со нагледни средства и помагала за реализација на програмата Кембриџ, а наставниците не се доволно обучени за реализацијата на овие програми, за кои, пак, родителите сметаат дека не се соодветни на возраста на децата. Просечната оценка за исполнување на работните обврски на наставниците и стручните соработници затоа е – 3,4.

За Младинскиот образовен форум поразителен е и фактот што севкупната просечна оценка е слаба, што според нив е индикатор дека во нашиот образовен систем работи недоволно квалитетен и несоодветен кадар.

„Навистина е сериозно што, генерално, оцените за наставниците се слаби, но покрај тоа што 14 наставници се оценети со 1, поразителен е фактот што и севкупната просечна оценка е слаба. Оваа оценка е индикатор дека во нашиот образовен систем работи недоволно квалитетен и несоодветен кадар. Ова понатаму се отсликува на капацитетите што се градат кај учениците и директно гради лошо образувана младина. Многу е важно Министерството за образование и наука да обезбеди механизми преку кои реално и редовно ќе се оценуваат капацитетите на професорите, без притоа да се додава товар на нивната секојдневна работа и непотребно да се обременуваат со административни обврски. Дополнително, загрижува и фактот што подолго време не гледаме промени во начинот на работа на Педагошкиот факултет, што само по себе генерира неквалитетен кадар кој во комбинација со застарените методи на предавање го прави образовниот систем неодржлив. Штом толку предмети се предавани од професори што не се остручени во областа, јасно е дека имаме дефицит во области кои мора да се мапираат и да се поддржи и мотивира идно оспособување на професорите“, велат од МОФ.

Вероника Мароска-Леова