Образованието доби „тројка“, 14 наставници „единица“


Најголем број од наставниците не се обучени да планираат и да реализираат настава во комбинирана паралелка за ученици од повеќе одделенија. Повеќето наставници не изготвуваат и не користат критериуми за оценување, иако е потребно да ги применуваат. Во поголем број училишта, односно во 60 отсто, информатичката технологија не е во функција, а несоодветно се организира и реализира праксата на учениците од средните училишта во компаниите. Во стручните училишта нема доволно нагледни средства и помагала за реализација на практична настава, а недоволна е и соработката со компаниите каде што треба да се реализира обука, се дел од слабостите наведени во извештајот на Државниот просветен инспекторат за квалитетот на воспитно-образовниот процес во учебната 2017/2018 година.

Во извештаите констатирано е дека во училиштата не се прави разлика меѓу учениците од различна полова и социјална припадност. Иако навремено се изготвуваат анализи за постигањата на учениците, периодично, квартално, полугодишно и годишно, по паралелки, по наставни предмети, по години на образование, сепак добиените резултати не се користат за подобрување на процесот на учење и за работата на наставниците, за подобрување на постигнувањата на учениците, е забелешка која беше спомената и во минатогодишниот извештај. Додатната настава е слаба страна во најголемиот број, односно во 80 отсто од училиштата. На ниво на сите основни училишта е утврдено дека не се користат стандардизирани тестови за упис на деца во прво одделение, со цел да постои усогласеност и упис под исти услови и критериуми. Основните училишта недоволно се опремени со нагледни средства и помагала за реализација на Кембриџ програмата по дадените наставни предмети, а наставниците не се доволно обучени за реализацијата на овие програми, за кои, пак, родителите сметаат дека не се соодветни на возраста на децата. Просечната оценка за исполнување на работните обврски на наставниците и стручните соработници затоа е – 3,4. Со единица се оценети 14 наставници, со двојка 509, а со петка 361 од вкупно 6.939 што биле вреднувани.

„Во 161 воспитно образовна установа, кои биле цел на оценување на квалитетот на воспитно-образовниот процес, се вклучени 8.690 наставници и стручни соработници. Од нив 6.939 се вреднувани, а 1.751 не се вреднувани. Од лицата што не се вреднувани, 319 се ангажирани да реализираат настава на наставни предмети за кои не се соодветни согласно законот и нормативот за наставен кадар“, стои во извештајот на Државниот просветниот инспекторат.

Како слабост во училиштата сè уште се смета и изготвувањето планови за евакуација и спроведувањето на симулација за брзо напуштање на училишните објекти во случај на елементарни непогоди. Иако е честа констатација и постојат укажувања до училиштата, сè уште во мал број училишни објекти е обезбеден пристап на лица со телесни пречки, како во влезот на училишните згради, така и во просториите и тоалетите. Училиштата не им обезбедуваат на учениците јасни, точни и најнови информации за можностите за натамошно образование, доусовршување или вработување. Во училиштата има простории кои се наменети за библиотеки, но библиотечната евиденција не се води во електронска форма и постои недостиг на лектири и стручна литература. За наставниците приправници навремено се назначуваат ментори кои изготвуваат програма за работа, но истата неквалитетно се спроведува. Приправниците се најчесто оставени самостојно да работат, а менторите својата работа ја спроведуваат само при потпишувањето на потврдата за менторски стаж. Во училишта има инклузивни тимови за учениците со посебни образовни потреби, но во работата на истите и изготвувањето на планирањата не е секогаш вклучен родител. Училиштата не ги планираат и реализираат ученичките екскурзии целосно во согласност со правилникот за тоа.

Вероника Мароска-Леова