Центарот за климатски промени: Македонија се соочува со зголемен ризик од суша, потребни се повеќе финансиски средства и мерки за адаптација
Македонија се соочува со зголемен ризик од суша поради што се потребни повеќе финансиски средства за реализација за мерки за адаптација – оценуваат од Центарот за климатски промени по повод Светскиот ден за борба против опустинувањето и сушата.
Од таму посочуваат дека земјите од Медитеранот, вклучително и Македонија, се сè повеќе изложени на подолги сушни периоди, намалени врнежи и континуиран пораст на температурите.
– Овие промени директно влијаат врз водните ресурси, земјоделството и стабилноста на локалните заедници, при што последиците сè почесто се одразуваат и преку економски загуби и зголемена социјална ранливос -, велат од Центарот за климатски промени.
Алатка за процена на ризиците и ранливоста на локалните заедници од климатските промени, изработена во рамките на проектот Green B-LEAF, покажува дека, и покрај зголемената изложеност на ризици, подготвеноста на општините во медитеранските региони останува ограничена, што укажува на потребата од посистематски и долгорочни пристапи во управувањето со климатските ризици.
– Според спроведените национални анализи и процени, во Македонија значителен дел од Североисточниот, Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот и Југоисточниот Регион се оценети како ранливи на суша, со особено чувствителни подрачја како Скопската и Штипската Котлина и Овчеполието. Овие резултати ја нагласуваат потребата од локално приспособени политики, подобро планирање и инвестирање во зголемување на отпорноста на локалните заедници – велат од Центарот за климатски промени.
Според Центарот за климатски промени, сушата останува еден од најсериозните предизвици на современите климатски промени, кој бара координиран, навремен и интегриран одговор на сите нивоа на управување. Во таа насока, неопходно е зајакнување на институционалните и локалните капацитети за процена на ризиците и стратешко планирање, како и обезбедување соодветни финансиски средства за спроведување мерки за адаптација кон климатските промени, велат од таму.