Двочасовна блокада в недела на трите гранични премини со Бугарија. Ќе блокира фондацијата „Македонија“
Бугарската фондација „Македонија“ најави дека в недела ќе ги блокира трите гранични премини помеѓу Бугарија и Македонија – Деве Баир, Делчево и Ново Село. Според соопштението од фондацијата, блокадата била во координација со Министерството за внатрешни работи и ќе трае два часа, од 11 до 13 часот.
Блокадата на граничните премини доаѓа како реакција на палењето на двата дипломатски автомобили на бугарската амбасада, иако тоа не се споменува директно во најавата, туку се вели дека тоа е акт за да се запре „прогонот на Бугарите“ во државава. И да му се покажело на Христијан Мицкоски дека не може да му се потсмева на бугарскиот народ.
„Дали сте подготвени демонстративно и мирно да ги блокираме трите гранични премини со Северна Македонија и да му покажеме на Мицкоски дека ова не може да продолжи и дека ќе реагираме на оваа агресија што Скопје ја врши врз нас! Да им покажеме на Мицкоски и на неговиот режим дека не можат да продолжат да им се потсмеваат на Бугарија и на бугарскиот народ“, велат од фондацијата „Македонија“ во објавата на Фејсбук. Претседател на фондацијата е Виктор Стојанов, кому му е забранет влез на неодредено време во Македонија веќе три години.