Обновените резултати на „AстраЗенека“ покажаа пониска ефикасност

По критиките на американските власти дека објавените податоци за клиничкото испитување за вакцината се застарени, британско-шведската компанија „АстраЗенека“ во средата го ревидираше за три процентни поени резултатот од студијата за ефикасноста на нејзината вакцина против ковид-19.
Компанијата сега објави дека ефективноста на вакцината е 76 проценти во спречување на симптоматски ковид-19, наместо 79 проценти колку што објави пред неколку дена.
Таа додаде дека вакцината е сè уште сто проценти ефикасна во спречување на тешка форма на ковид-19.
Соопштението на компанијата дојде откако независен тим експерти, одговорен за надгледување на клиничкото испитување во САД, изрази загриженост дека „АстраЗенека“ не ги вклучила новите податоци во претходно објавените прелиминарни резултати од истражувањето.
Институтот за здравство на САД последователно издаде многу невообичаена изјава со која се повикува „АстраЗенека“ да работи со тимот и потоа да издаде ново соопштение со резултатите.
„Подготвени сме да поднесеме барање за итно одобрување во САД и се подготвуваме да дистрибуираме милиони дози низ Америка“, рече портпаролот на компанијата Мене Пангалос.
Според компанијата, ефикасноста на вакцината на лица постари од 65 години е 85 проценти, но статистичкиот опсег е помеѓу 58 и 95 проценти.
Во клиничко испитување, осум испитаници развиле тешка форма на ковид-19, но никој од овие лица не бил вакциниран.