Објавената листа на земји што и понудија помош за Северна Македонија не е конечна


Фото: Б. Грданоски

Листа на земји кои понудија помош за Северна Македонија не е конечна и таа е направена во одреден временски период, а станува збор за процес што е во тек, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство Ева Хрнчирова.  

– Примивме понуди и од други земји и можам да кажам дека на Северна Македонија веќе и понудивме и поголема помош од онаа што ја побра, изјави Хрнчирова во одговор на прашање на бугарски новинар зошто меѓу државите што и пружиле помош на земјава по пожарот во Кочани, кои таа претходно ги соопшти, не ја спомена и Бугарија. 

Хрнчирова истакна дека на барањето на земјава се уште се одговара, што не значи дека Бугарија не понудила ништо. 

Главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо додаде дека листата на земји што и пружиле помош на државава што претходно ја соопшти Хрнчирова, не е конечна и ќе биде дополнета со оние што ќе понудат поддршка. 

Хрнчирова претходно информира дека девет европски земји веднаш понудиле помош по пожарот во Кочани, споменувајќи ги Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Луксембург, Унгарија и Норвешка, но не и Бугарија.