„Независен“ во затворот во Соуменлина: Финска казнува, но им дава втора шанса на криминалците


Од нашиот известувач Слободанка Јовановска

Финска – Добредојдовте во најбезбедната и една од најнекорумпираните земји во светот. Вака, без лажна скромност, претставници на финската влада ја презентираат состојбата во земјата, за која не пропуштаат да кажат дека е добра благодарејќи на партнерството на граѓаните и власта.

Како изгледа тоа во практика, можеше да се види со посета на затворот од отворен тип на островот Соуменлина, не каков било туку заштитен од УНЕСКО и една од главните туристички атракции во Финска каде што секоја година поминуваат околу милион туристи. Финските власти мошне очигледно се гордеат со овој експеримент објаснувајќи дека на туристите и на жителите тука, што се само 800 на број, не им пречи што за нивната околина и за историските споменици се грижат 100 затвореници. Дури е и привилегија да се живее тука бидејќи сите куќи се издаваат, а дозвола престој добиваат само луѓе со артистички професии.

„Досега не се случил никаков инцидент со затворениците кои работат на островот. Само мал број од нив пробаа да избегаат, а од тие што пробаа, само двајца не беа фатени и вратени од полицијата. Ги рехабилитираме тука, ги подготвуваме за живот без криминал бидејќи веруваме во индивидуалниот потенцијал за промена и за унапредување“, велат претставници на затворот чија влезна врата може да се прескокне без поголем напор, а внатре условите се такви што личи повеќе на одморалиште отколку на простор за казна.

Финска верува во концептот на отворени затвори, така што во моментов од вкупно 26 во земјата дури 11 се од таков тип. Останатите сепак не се дизајнирани и уредени како овој во Соуменлина, каде што за затворениците се обезбедени и сауни, заеднички простор за дружење со телевизори и кујна, библиотека, можности за спортување, простор за одморање околу езерото и социјални работници кои работат со секој од нив одделно, според посебно утврдените планови за издржување на казните. Идејата е од затворен затвор, ако исполнат услови, да бидат префрлени во затвор од отворен тип, каде што ќе можат да се подготват за враќањето на слобода, така што ќе можат да студираат надвор од затворот, па и да работат. До слобода има уште две скалила – отслужување казна дома со присмотра, па условна казна, а гаранција е целата мрежа на институции и претставници воспоставена да работи со нив, како и ГПС системот и електронските алки.

Џери, диџеј од Амстердам, инаку со потекло од Африка, е еден од 20 отсто затвореници во земјата со странско потекло што издржуваат казна тука. Вели не чувствува дека е затворен, а се нашол тука поради трговија со дрога. Работи на реставрација на историските споменици, но сепак, кога ќе си оди ќе ѝ се врати на музиката. И тој и затвореник од Хелсинки, осуден за кражби и злоупотреби, сметаат дека концептот на отворен затвор им помага да се вратат поподготвени и поизменети во општеството. Како и сите останати, можат да работат, да се образуваат, да се вклучат во активности што треба да ги рехабилитираат и да го одработат трошокот од 134 евра, колку што чини еден ден во отворен затвор.

За обични посетители нереално изгледаше сликата на затвореници како работат додека околу се движат стотици туристи и си играат голем број деца. Нереално звучеше исто така и податокот дека во финските затвори дури 41 отсто од персоналот се жени, иако само осум отсто се затворенички. Овде соопштуваат дека Финска во моментов има најниска стапка на затвореници на 100.000 жители во Европа, односно 103 наспроти просекот во Европа од 318, но дури 90 отсто од нив се зависници од дрога, алкохол или од коцка, така што главен услов за нивно рехабилитирање и сместување во отворен затвор е да престанат со пороците. За некои тоа е непремостлив напор, па самите бараат да се вратат во затворените затвори, иако можноста да се излезе порано на слобода е многу поголема преку отворените. Голем број не го „положиле испитот“ и се вратени назад да служат во затворените затвори.

Резултатите од ваквата пракса сепак се видливи бидејќи, според анализите, само една четвртина од затворените откако ќе излезат на слобода пак прават криминал и се враќаат казнети. Финска има, исто така, најмал број полицајци по глава на жител во Европската Унија, а корупцијата не е во фокусот воопшто бидејќи ја има многу малку и таа се спречува со транспарентност на институциите.

Ваквиот модел на затворски систем Финска сака да им го препорача и на другите земји во ЕУ за време на своето претседавање бидејќи, според нивното искуство, ја олеснува интеграцијата на затворениците во општеството, односно додека се во затвор нема да ги прекинат социјалните контакти и можностите да најдат работа.