Ни пржинскиот модел на ДИК не е шик


Александра М. Митевска

Ако нешто во Македонија се покажа неотпорно на тестот на времето, независно од политичките околности во даден момент, тоа е секако регулативата за избори, вклучувајќи ја и изборната администрација. Во земјава речиси и да не се случиле избори на кои не им претходеле „крупни и темелни“ реформи на изборното законодавство, кои од толкава големина и длабочина едвај издржуваат до следното предизборие. Или, до првата смена на челната позиција на некоја од најголемите партии.

Така и овој пат, дијалогот на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, со новиот опозициски лидер Христијан Мицкоски тргна практично од можноста за измени на Изборниот законик. Оттаму барем почна да се наѕира конструктивност во нивните релации, откако премиерот се согласи да се откаже од последниот концепт на Државната изборна комисија, кој беше на долго и на широко договаран и смислуван за време на преговорите во Пржино.

Но, она што беше усогласено на средбите меѓу соработниците на опозиционерот Заев и на Никола Груевски, како лидер на владејачка партија, во резиденцијата на ЕУ во Скопје, очигледно нема тежина на средбите на актуелниот премиер со Мицкоски во Владата. По едвај два изборни циклуса во две последователни години, спроведени според регулативата од Пржино, дел од тогаш договорените новини во Изборниот законик сега се на пат да станат исто така политичка историја.
Причина за тоа, веројатно, не е или барем не е логично да е скандалот со високите надоместоци кој изби во ДИК кон крајот на минатата година. Впрочем, сличен таков случај беше забележан и во претходниот состав на Комисијата, пред промената на нејзиниот концепт, односно пред вклучувањето експерти во неа. Разликата е во тоа што настанот по изборите во 2014 година не доби толку скандалозни димензии во јавноста, за и тогашните членови на изборната комисија да мора еден по еден да поднесуваат оставки и да се префрлат на апанажа, како што тоа го направија нивните наследници пред неколку месеци.

Таа споредба меѓу двата последни состави на комисијата, всушност, покажува дека (не)функционалноста на ова тело не е толку прашање на концепт или на политички договор, туку (на отсуство) на политичка свест и на селекцијата што ја прават партиите, номинирајќи главно неадекватни и некомпетентни кадри. Тие, пак, потоа одлучуваат најчесто партиски наместо законски, а нивен заеднички интерес, независно од сите кавги на сцената и од нивните различни политички дресови, е да остварат дополнителни надоместоци, и покрај и онака високите примања, со оглед на тоа што нивните ангажмани главно се концентрирани на избори. Затоа, држи вода идејата ДИК во иднина да функционира како административно тело, чии членови ќе се пуштат во акција шест месеци пред избори. Но, додека да се стигне до тоа, на сцена се враќа стариот модел на ДИК со некој нов опозиционер на нејзиното кормило.

Од тој аспект, многу поверојатно е дека главна причина за најавените промени во начинот на функционирање на ДИК е, всушност, промената на улогите на главните актери на политичката сцена. Она што му одговараше на Груевски додека неговата партија беше на власт – со ДИК да раководат експерти, не му одговара на Мицкоски како водач на опозицијата. За него е поисплатливо негов човек да ја води Комисијата.
Затоа и сега се отвора прашањето за нови измени во изборната регулатива, иако тоа не е најважната работа на светот, во период на реформски процес за постигнување на евроатлантските критериуми. Исто така, тешко е да се очекуваа дека најавените измени во изборните правила ќе влијаат позначително на подобрување на следните изборни процеси во земјава. Тоа реално може да се случи само ако се преземат посуштински реформи во делот на заштитата од злоупотреби при финансирањето на кампањите и во изборниот модел, како што би било, на пример, воведувањето отворени листи, од што, пак, бегаат како од оган лидерствата на најголемите партии.
Сѐ дотогаш, изборното законодавство во земјава ќе функционира по принципот „сѐ тече, сѐ се менува“. Секој нов лидер на партија и секоја нова гарнитура на власт и натаму ќе има свои побарувања во однос на изборните правила. Константни, можеби, ќе останат само забелешките на ОБСЕ-ОДИХР и на домашните набљудувачи за тоа како се спроведува гласањето и за слабостите во функционирањето на изборната администрација.