Најдобрите тимови од женската ракометна лига на шампиони


ЖРК Вардар (Македонија)

Македонскиот женски ракометен првак е формиран во 1961 година. Негов дом е СЦ „Јане Сандански“ арена со капацитет од 7.500 седишта. До престанување со работа на Кометал Ѓорче Петров, ЖРК Вардар беше единствен тим со шампионски трофеј во домашното првенство (1994 година). Ренесансата почна во 2013 година со доаѓањето на Сергеј Самсоненко. Финансиската инјекција што тој ја вбризга во клубот значеше ангажман на ракометарки од светски калибар, репрезентативки на своите земји, а последица беше нагорниот резултатски тренд, амбиции за највисок пласман, а оваа сезона и за самиот врв во Лигата на шампиони.
Вардарки шест пати го освојуваа шампионатот на Македонија и петпати триумфираа во националниот Куп. Лани загубија во полуфиналето на завршниот турнир во ЛШ од кој се враќаа со бронзи во 2014 година, во 2015 година и во 2016 година. Последните две сезони се апсолутни владетелки во регионалната лига.
Предности – оската Лекиќ – Цвијиќ и Андреа Пенезиќ
Впечатокот на противничките екипи по мечевите се ЖРК Вардар е дали и што може да наруши. Тимот едноставно беше импресивен во групната фаза во оваа сезона. Меѓутоа Фајналфорот е нешто друго. Главно оружје, сепак, останува оската Андреа Лекиќ и Драгана Цвијиќ која доколку блесне во Будимпешта во соработка, секако, со „бомбардерката“ Андреа Пенезиќ, „црвено-црните“ ќе бидат несовладливи за останатите конкуренти за највисок пласман.
Слабости – самодоверба
Факт е дека е потешко да се најде што не функционира во македонскиот состав во оваа сезона оти она што функционира е како подмачкано. Ефектот со ЖРК Вардар го имаше во групната фаза и начинот на кој се проби со унгарскиот главен град е за почит. Но, колку пати во минатото се случуваше исто до Фајналфорот, се докрај? – Вардарки трипати учествуваа на завршните турнири и ниту еднаш не успеаја до пехарот. Се чини дека им недостасува самодоверба бидејќи поседуваат се останато што им е потребно за, конечно, покорување на конкуренцијата на стариот континент.
Х фактор – последна сезона во овој состав
Кога нештата ќе тргнат на лошо на секоја екипа и треба нешто екстра за надминување на проблемите за проодност на зацртаниот пат. ЖРК Вардар отпаува во Унгарија со многу емоции во чија основа е фактот дека ја игра последната сезона со актуелниот ростер. Претстојниот Фајналфор турнир е последна шанса за оваа генерација за освојување на престижниот трофеј. Очите на ракометарките се веќе натопени со солзи, но сите веруваат дека тие ќе бидат солзи радосници во недела вечер во „Ласло Пап арена“ во Будимпешта.
Состав
Голмани
Амандин Лејно (Франција)
Јована Мицевска
Ина Суслина (Русија)
Десни крила
Јованка Радичевиќ (Црна Гора)
Сара Ристовска
Леви крила
Јована Саздовска
Полина Кузнецова (Русија)
Кружни напаѓачи
Андреа Чанаџија (Хрватска)
Драгана Цвијиќ (Србија)
Марија Петровиќ (Србија)
Леви бекови
Мирјета Бајрамоска
Андреа Пенезиќ (Хрватска)
Теодора Керамичиева
Леонида Гичевска
Средни бекови
Татјана Хмирова (Русија)
Андреа Лекиќ (Србија)
Десни бекови
Андреа Кликовац (Црна Гора)
Барбара Лазович (Словенија)
Александра Лакрабер (Франција)
Тренер: Ирина Дибирова

Ростов на Дон (Русија)
Рускиот претставник на Фајналфорот, Ростов е формиран во 1965 година под името Ростелмаш што го носеше до 2002 година. Ја има најмалата сала од сите финалисти во годинашното издание во Лигата на шампиони. „Палатата на спортовите“ на Дон собира само 2.300 гледачи. Не може да се пофали со позначајни меѓународни резултати од ерата на СССР, но клубот е во експанзија во последните неколку години за што потврда е обезбедното место на турнирот во Будимпешта.
Ростов или Ростелмаш, како сакате, две шампионски титули во СССР и трипати го освојуваше Купот. По распадот на поранешната држава, трипати го освојуваше руското првенство и седум пати беше победник во националниот Куп. Меѓу големиот број на домашни трофеи, во клупските пртостори и два интернационални – пехарот во КПК на ЕХФ од 1990 година и во Купот на ЕХФ во 2017 година, натпреварување во кое играше за титулата и во 2015 година, но не успеа до тронот.
Предности – форма
Ростов покажа завидна ефикасност и конзистентност во реализација на мисијата за пласман во Будимпешта. Дебитантот успеа во тоа благодарение на најдобрата форма во основниот дел од натпреварувањето во кое девет меча не знаеше за пораз. Покрај тоа и во комбинација со играчкиот карактер се чини дека само небото е лимит за ракометарките на Фредерик Бужон. Притоа само треба да го задржат фокусот и интензитетот и на тој начин можат против секого.
Слабост – напад
Колку што формата е силен адут на Ростон, толку нападот може да претставува проблем. Честопати како проблем се јавува организацијата на нападите и реализацијата, па ефектот од играта во дефанзива знае да падне во вода. Се чини дека повеќе внимание се обрнува на одбрана на сопстевниот гол отколку на закана кон противничкиот што, секако, е недозволиво за настани каков што е завршен турнир во Лига на шампиони.
Х фактор – улогата на аутсајдер
Рускиот тим од Дон допатува во Будимпешта како аутсајдер што впрочем може да биде огромна предност во полуфиналната пресметка со ЖРК Вардар. Ростов никако не смее да се потцени со сите слабости што ги носи во себе за што доволно предупредување се деветте натпревари без пораз. Има играно и победено и против ЧСМ Букурешт и против Ѓер во минатото, но против македонскиот првак нема што да загуби во обидот да изненади.
Состав
Голмани
Галина Мехдиева
Ана Седојкина
Мајса Пешоа (Бразил)
Десни крила
Јулија Манагарова
Марина Судакова
Леви крила
Сираба Дембеле (Франција)
Викторија Боршченко (Украина)
Кружни напаѓачи
Маја Петрова
Ксенија Макеева
Александра Степанова
Леви бекови
Елена Сливинскаја
Ана Сен
Владлена Бобровникова
Александрина Кабрал (Шпанија)
Средни бекови
Ана Паула Родригез (Бразил)
Регина Калиниченко
Екатерина Илјина
Десни бекови
Ана Вјахирева
Валерија Маслова
Катарина Булатовиќ (Црна Гора)
Тренер: Фредерик Бужон (Франција)

ЧСМ Букурешт (Романија)
Романскиот женски ракометен првак ЧСМ Букурешт е формиран во 2007 година од градскиот совет на Букурешт како дел од програмата за промоција на ракометот меѓу младата популација. Своите натпревари како домаќин ги игра во салата „Поливалента“ чиј капацитет е 5.300 места. Претседател на клубот е познатата атлетичарка Габриела Сабо (42). Има четири шампионски титули во домашното првенство и три во националниот куп.
Популарните „тигрици“ се наметнаа како неприкосновени во домашната сцена, но и како голем фактор во европскиот ракомет во последниве години. Меѓународното деби имаа во сезоната 2011/12 преку ЕХФ купот за пет години подоцна да успеат да триумфираат во Лигата на шампиони, а лани го понесоа бронзениот медал од Будимпешта. Претстојниот Фајналфор турнир ќе биде трет во низа за гигантот од главниот град на Романија.
Предности – бековските позиции
Бековите се ударна игла на ЧСМ Букурешт, а од есенцијално значење за екипата е соработката меѓу Романката Кристина Неагу и Изабел Гулден од Шведска. Првата важи за рутинер во завршницата на акциите, втората е задолжена за организација на играта. Заедно со Лине Јоргенсен од Данска и Французинката Камил Игло-Сорин прават вистинска хармонија на теренот и на нив отпаѓаат над 60 отсто од 212 гола на тимот во оваа сезона.
Слабости – играта во одбрана
Дефанзивата е проблем за романскиот првак. Вештините и перформансот што ги демонстрираат во напад не е соодветствуваат и во одбрана. Премногу е за Неагу и колешките што се задолжени за голови да дејствуваат идентично и во спротивен правец. Тој сегмент во играта се издвојуваше како слабост и во минатото, па романскиот претставник допатува во Будимпешта со најлош одбранбен скор од сите четири екипи што, секако, претставува аларм за стручниот штаб.
Х-фактор – Пер Јохансон
На шведскиот тактичар се гледаше како свеж воздух по преземање на кормилото на екипата. Покрај напредокот што го вгради во ЧСМ Букурешт на тактички план, тој важи и за одличен мотиватор. За Пер Јохансон велат дека е „виновникот“ за константно добрите изданија на романскиот женски ракометен шампион кој повторно го претвори во аспирант за тронот. Се етаблира како голем фактор со своите менаџерски умешности и постојано вади максимум од ростерот.
Состав
Голмани
Алина Јордаче
Паула Унгуреану
Јелена Грубишиќ (Хрватска)
Десни крила
Анета Удристоју
Натали Хагман (Шведска)
Леви крила
Јулија Куреа
Мајда Мехмедовиќ (Црна Гора)
Кружни напаѓачи
Марит Малм Фрафјорд (Норвешка)
Оана Манеа
Анастасија Лобач (Белорусија)
Леви бекови
Кристина Неагу
Сабина Јакобсен (Шведска)
Бјанка Базалиу
Средни бекови
Изабел Гулден (Шведска)
Гнонсиан Ниомбла (Франција)
Десни бекови
Лине Јоргенсен (Данска)
Камиле Игло-Сорин (Франција)
Аманда Куртовиќ (Норвешка)
Тренер: Пер Јохансон (Шведска)
Ѓер (Унгарија)
Спортското друштво ЕТО, во чии рамки е клубот, е основано во 1904 година, но женската ракометна секција почна да функционира од 1948 година. Мечевите како домаќин ги игра во „Ауди арена“ која може да собере 5.500 гледачи. Во клупските витрини има 13 шампионски титули во Унгарија (седум во низа 2008-2014 година), рекордни 13 во Купот и две во Суперкупот. Низ годините настапуваше под неколку различни имиња и од 2005 година е Ѓер Ауди ЕТО според главниот спонзор на клубот.
Ѓер е трикратен европски првак и на турнирот во Будимпешта ќе настапи како бранител на тронот што го запоседна и во 2013 година и во 2014 година. Унгарскиот состав има и три порази во финалните пресметки (2009 година, 2012 година и во 2016 година). Играше финале и во КПК (2006 година) и четири пати за титулата во купот на ЕХФ (1999 година, 2002 година, 2004 година и во 2005 година), но никогаш не ја освои.
Предности – преку одбрана до голови
Ставот дека „нападот ги добива мечевите, а одбраната ги добива шампионатите“ ќе остане евергрин. Играта на Ѓер се базира на мобилност и дисциплина пред сопствениот гол. Оваа сезона може да се пофали со најдобра дефанзива дури и во кризни периоди и обременетост со повреди. Важи за една од најофанзивните екипи и трикратниот европски шампион е одличен пример за користење на одбраната за реализација на голови.
Слабости – повреди
Во еден момент се чинеше дека Ѓер ќе нема големи проблеми со повреди во сезоната меѓутоа унгарскиот тим секогаш наоѓаше начин за што побезболен излез од таквите ситуации. Главоболки, сепак, има во момент каков што е Фајналфор турнирот во ЛШ. Кога е потребен екстра квалитет ќе недостасуваат Норвежанката Нора Мерк и Жужана Томори додека Едуарда Аморим и Ања Алтхаус сè уште го немаат достигнато посакуваното ниво.
Х-фактор – едноставност
Уште една општо позната и прифатена фраза како „колку поедноставното толку е најдобро“ најдобро го отсликува Ѓер. Системот е веќе имплементиран, темелите се поставени и ракометарките совршено го спроведуваат планот. За тоа да биде ефективно на терен треба и да се разбере, а Мартин Амброш има совршени индивидуалци во составот. Тие го прават одличниот спој во тимот што работи како швајцарски часовник и во моменти кога не оди како што се посакува и очекува.
Состав
Голмани
Ева Кис
Кари Алвик Гримсбо (Норвешка)
Десни крила
Јана Кнедликова (Чешка)
Бернадет Боди
Леви крила
Анита Гербиц
Сидонија Пухалак
Кружни напаѓачи
Емоке Варга
Ања Алтхаус (Германија)
Ивет Брох (Холандија)
Леви бекови
Ане Мете Хансен (Норвешка)
Едуарда Аморим (Бразил)
Жужана Томори
Средни бекови
Тамара Пал
Стине Бредал Офтедал (Норвешка)
Ники Грот (Холандија)
Десни бекови
Нора Мерк (Норвешка)
Миреја Гонзалез (Шпанија)
Тренер: Мартин Амброш