Завршувањето на барокниот суд пролонгирано 14 пати


Рокот за завршување на градењето на барокната нова зграда на Кривичниот суд бил променет четиринаесет пати и бил пролонгиран за четири години, утврди Државниот завод за ревизија.

Иако првично Министерството склучило договор за градежни работи во вредност од 465 милиони денари, во периодот од 2010 до 2015 година биле склучени 26 анкес-договори со кои вредноста на договорот е зголемена за 12 отсто и сумата е зголемена на 522 милиони денари, или речиси 8,5 милиони евра.

Како основни причини за зголемувањето на вредноста на договорот и големото пролонгирање на рокот, надзорот констатирал недостатоци во изведбениот проект, погрешна пресметка за повеќето позиции, испуштени позиции кои не биле предвидени со проектот, неквалитетни проектни решенија, отсуство на детали за многу позиции, неусогласеност со проектот и непостоење на план за усогласување на градежно- занатските фази, електричните инсталации, водовод и канализација и машински инсталации.

Во забелешката што ја испратило Министерството за правда до Државниот завод за ревизија се вели дека  рокот бил пролонгиран од објективни причини. За анекс-договорите велат дека вредноста на договорот е зголемена за 12 отсто, што е во рамките на дозволеното согласно Законот за јавни набавки.

Новата зграда на Кривичен суд, во која цевките се затнати со бетон, ПП-апаратите не функционираат и не може да се најде фирмата која ќе ги сервисира, заедно со другите недостатоци на зградата биле тема на разговор меѓу стариот министер за правда, Билен Саљији и новата министерка, која најави дека ќе разгледаат дали може да се направат некакви корекции.(Ф.Ф.С.)