Српски ковчези за наши мртовци

Домашните производители на ковчези за закоп негодуваат поради нееднаквата положба со увозниците на погребна опрема. Нивното производство е поскапо затоа што е оптоварено со данок на додадена вредност, но за увозот на сандаци законодавецот предвидел ослободување од ДДВ.

„Во Македонија се увезуваат голем дел од ковчезите. Српскиот пазар е многу евтин, зашто има евтино дрво. Таму може да се најде ковчег и под 60 евра. Затоа македонските производители на погребна опрема не се интересни. Кога ќе купите кубик дрво за 8.000 денари и на тоа ќе додадете ДДВ, нашиот ковчег никако не може да биде под 80 евра“, објаснува еден од производителите на погребна опрема додавајќи дека со шифра на дејност оператор за погребни услуги, увозот на опремата од Србија е ослободен од данок, додека тој како производител на опремата не може да купи репроматеријал без ДДВ.

Во Македонија има 4 компании кои увезуваат ковчези. Во 2017 и половина од оваа година тие од Србија увезле 2.536 ковчези.

„На домашниот пазар работат 3 поголеми и две помали фирми што произведуваат погребна опрема. Ако месечно во просек влегуваат по околу 140-150 сандаци, тоа е голема бројка. Значи 150 илјади евра, наместо да останат во Македонија, одат надвор“, укажуваат производителите на погребна опрема.

Тие бараат или да се воведе ДДВ за увоз на погребна опрема или тие да бидат ослободени од ДДВ за репроматеријалите.

(А.С.)