„Алијансата за Албанците“ сепак со празни раце?

Зијадин Села од САД, каде што неофицијално се лекува од последиците од тепањето, побара да престанат подлите игри во Владата.

Претседателот на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села, со нови пораки од САД до првиот човек на Владата на Македонија и негов моментален коалициски партнер, Зоран Заев. Села како противодговор дека е можно да го загуби местото министер за здравство, на кое тој и неговата партија инсистираат, изјави дека владата не треба да прави спинови и да игра подли игри. Во врска со овие информации, „Независен весник“ побара став од партијата, но оттаму немаше одговор на нашите прашања.

Веќе неколку месеци местото министер за здравство е празно, а премиерот Заев во неколку наврати најави средби со партнерите од коалицијата, кои не се случија до денес. Во јавноста веќе се појавија разни имиња и сценарија за тоа кој ќе го пополни тоа место и дали министерот за здравство ќе дојде како кадар од партијата на Села. Според некои информации, премиерот Заев ќе го има последниот збор за најавените промени во владиниот кабинет, при што можно е „Алијансата за Албанците“ и Зијадин Села да останат со празни раце. На тоа укажуваат последните имиња кои се најавени како главни кандидати за оваа функција, која остана испразнета по отказот на Арбен Таравари и победата над Невзат Бејта на последните локални избори за градоначалничкото место во Гостивар. Имено, се работи за неврохирургот Венко Филипче и за актуелниот директор на болницата „Осми септември“, Кристијан Костовски. Според ова сценарио, СДСМ на Села како замена за ресорот здравство ќе му ја понуди не само фотелјата вицепремиер за реформи, туку и заменичкото место во здравство, а од одговорот на Села ќе зависи дали оваа партија ќе остане да партиципира во Владата.

Она што е познато пред конечните одлуки е дека Аксел Ахмедовски е новиот министер без ресор во Владата. Како што дознава „Независен весник“, првиот човек на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села, веќе не е на турнеја во Америка, туку на лекување од последиците од тепањето на 27 април во Собранието. Оттаму тој испрати неколку остри пораки до лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, обвинувајќи дека токму ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се главни организатори на „крвавиот четврток“ на 27 април и насилниот упад во Собранието. Поради таа изјава, односите меѓу ДУИ и „Алијансата за Албанците“ дополнително се заладија, а сега извори блиски до партијата на Села говорат дека од него зависи само дали партијата ќе остане дел од Владата или не.

Во случај „Алијансата за Албанците“ да се повлече од владиниот кабинет, сѐ повеќе на интензитет добиваат шпекулациите дека ДПА ќе „воскресне“ и ќе ја замени партијата на Села во владата на Зоран Заев. Во последните месеци претседателот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, реализираше неколку средби со евроамбасадори од каде што ја испрати пораката дека неговата партија ја продолжува заложбата дека на Македонија ѝ се потребни реформи за итна интеграција во НАТО и започнување разговори за членство во Европската Унија.

Блерим Исмаили