Новите два национални документа за заштита на природата не го решаваат проблемот со Матка и Охрид


По повод 22 мај – Светскиот ден на биолошка разновидност, денеска во Скопје беа промовирани двата најзначајни национални документа од областа на заштита на природата, Националната стратегија за заштита на природата и Национална стратегија за биолошка разновидност.
Настанот е во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Програмата на ООН за животна средина, германско друштво за меѓународна соработка ГИЗ, Програма за зачувување на природата и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, изјави дека со имплементација на активностите на двете стратегии ќе се унапреди спроведувањето на националната легислатива за заштита на природата, имплементацијата на ЕУ директивите за живеалишта и птици, и поефикасно ќе се имплементираат одредбите од меѓународните конвенции и договори од областа на заштита на природата.
– Нашата држава ја ратификуваше Конвенцијата за биолошка разновидност во 1997 година, потоа се пристапи кон подготовки за изработка на првата студија за биолошка разновидност во 2003 година, и една година подоцна беше изработена стратегијата и акциониот план за заштита на биолошката разновидност. Тоа беа основни документи што на некој начин ја легитимираа и дадоа лична карта на биолошката разновидност во нашата држава. Изработени се уште пет национални извештаи, а во моментов ја промовираме втората стратегија за заштита на биолошката разновидност за период од 2018-2023 година, рече Владо Матевски, раководител на експертскиот тим за изработка на националната стратегија за биолошка разновидност.
Митевски додаде дека како основа за изработка на ова стратегија послужила глобалната стратегија  донесена во Јапонија во 2010 година, каде биле оформени главните стратешки глобални цели и во рамките на нив биле определени дваесет национални цели што треба секоја држава членка на конвенцијата за биолошка разновидност да ги прилагоди на сопствените.
Благоја Маткоски, координатор на експертскиот тим за изработка на националната стратегија за биолошка разновидност рече дека првата национална стратегија е за периодот 2017-2027 година, и главно ги опфаќа сите аспекти на заштита на природата, како од аспект на геодиверзитетот, така од аспект на биодиверзитетот.
– Стретегијата претставува фундамент во кој се опфатени аспектите на општи географски карактеристики на државата, аспектите на геологијата и геолошко наследство што кај нас е многу разновидно и богато, ги опфаќа аспектите на геоморфолошки вредности што ги имаме во државата низ различни релјефни објекти, потоа во рамки на ова стратегија се опфатени водите, со сите нивни карактеристики и карактеристични објекти вредни за заштита, опфатена е биолошката разновидност, и се разработени од одреден аспект и од сфера на географско-информациски системи, каде што сите идентификувани објекти се картографски евидентирани и електронски организирани во посебна база на податоци.
На новинарското прашање дали со новите стратегии се опфатени Охрид и Матка Митевски рече дека во стратегиите се опфатени двата значајни објекти и за нив постојат одредени законски норми во врска со нивната заштита, но дека изградбата на дивоградбите почнала по изработката на стратегиите и конкретно не се опфатени со нив.
За ставот околу ставањето на Охрид на листата на загрозени светски наследства од УНЕСКО тој рече дека е потребно да се преземат секакви законски мерки за стопирање на какви било незаконски дејствија на Охрид и Матка. Сепак, додаде, постојат надлежни одделенија, сектори во министерството, кои тоа го следат, а тој може да биде повикан само како експерт да даде конкретно мислење.
Министерот Дураки пак, вели дека тие како Министерство, како институција свесни се за сите тие  забелешки што ги добиле од УНЕСКО и ќе направат сѐ за сите тие забелешки да се применат.
„Што се однесува до дивоградбите, во соработка со Инспекторатот за животна средина на национално и на локално ниво ќе излеземе на терен ќе ги идентификуваме и доколку се воспостави дека се дивоградби, тогаш ќе постапуваме. Инспекторатот за животна средина секако е во тесна соработка со комуналната и градежната инспекција. Вие сте свесни дека Инспекторатот за животна средина нема ингеренции да урива нешто што не е изградено согласно законот и процедурите исто така сте свесни делка лиценците за градба се добиваат од општините“, рече Дураки.