Новиот роман на Јелена Бачиќ Алимпиќ веќе на македонски: „Матица“ го објави „Синот на кројачот“


Само неколку недели по регионалната премиера, најновиот роман на една од најчитаните авторки на овие простори, Јелена Бачиќ Алимпиќ, веќе е достапен и на македонски јазик. „Синот на кројачот“, долгоочекуваното продолжение на бестселерот „Кројачот“, е објавен во издание на „Матица македонска“ и може да се најде во книжарниците на издавачката куќа и преку нејзината онлајн-продавница.

Романот беше објавен во Србија на почетокот од јули, а уште во првите денови се искачи на првото место на листата „Топ 40 белетристика“ на издавачот „Лагуна“. Македонското издание пристигнува додека приказната за семејството Бајер повторно го освојува вниманието на многубројната читателска публика на Бачиќ Алимпиќ во регионот.

„Синот на кројачот“ ги носи одговорите на прашањата што останаа отворени по последната страница на „Кројачот“.Зошто Олгица го напуштила семејниот дом токму на својот осумнаесетти роденден? Каде ја одвел патот од Белград до Ерусалим? Зошто таа и Јакоб биле разделени толку долго – и што ќе откријат кога братот и сестрата конечно ќе проговорат за годините поминати далеку еден од друг?

Нивната повторна средба станува почеток на две исповеди што постепено го менуваат сето она во што верувале. Секое сеќавање открива нов дел од семејното минато, а вистините што со децении останале премолчени ги соочуваат со загубите, жртвите и одлуките што ги определиле нивните животи.

Под пораката „Животот има крај. Љубовта нема“, Бачиќ Алимпиќ создава емотивна семејна сага за изгубеното време, вината, простувањето и искупувањето; за љубовта што ги надживува разделбите и за можноста човек да се соочи со минатото без да се откаже од иднината.

Посебна емотивна заднина на романот му дава периодот во кој е довршуван. Авторката го завршила ракописот по смртта на својата мајка и откри дека токму поддршката од читателите ѝ помогнала да истрае во еден од најтешките мигови од својот живот. Оттаму, во приказната особено силно одекнуваат врските меѓу родителите и децата, копнежот по домот и љубовта што продолжува да трае и по загубата.

Јелена Бачиќ Алимпиќ е едно од најпрепознатливите и најчитаните книжевни имиња во регионот, со бројна и верна публика и во Македонија. Во понудата на „Матица македонска“ се достапни и нејзините претходни романи објавени на македонски јазик, меѓу кои „Рингишпил“, „Писмото на госпоѓа Вилма“, трилогијата „Казна за гревот“, „Куферот од Берлин“, „Клетва“, „Последните часови“ и „Кројачот“.