Новиот мјузикл за Денот на независноста ќе обедини над 100 уметници низ цела Македонија

Актерот и шоумен Игор Џамбазов ќе биде главниот лик што ќе не води низ приказната низ тие 35 години


На денешната прес-конференција, одржана во Националната опера и балет (НОБ), на која присуствуваа Бобан Милошески (Авалон), режисерот Дејан Пројковски, продуцентот Пеце Талески од „ОХО продукција“, Игор Џамбазов како главен лик во мјузикот, и портпаролот на Владата на Република Македонија, Марија Митева, беше најавен новиот проект по повод одбележувањето на 35 години независност на Република Македонија – мјузиклот „35 години независност“.

„Овој проект што денеска се најавува, рече, е многу важен затоа што задира во идентитетскиот дел на прославата на 35 годишнината од независноста на Македонија“, рече денес Бобан Милошевски од „Авалон“.

Новиот мјузикл, се уште без наслов, е во режија на Дејан Пројковски, а главниот лик го толкува Игор Џамбазов

Мјузиклот ќе се одржи во повеќе големи македонски градови и ќе обедини над 100 македонски изведувачи и уметници, претставувајќи уникатен музичко – сценски спектакл посветен на трите и пол децении независност на државата.

На денешната прес-конференција присуствуваа само дел од артистите и изведувачите кои ќе бидат дел од овој голем проект, а дополнителни информации за учесниците и програмата ќе бидат соопштени во наредниот период.

„Јас несомнено тврдам дека интернационалните ѕвезди се вредни за почит, но македонските уметници, македонската култура се оние коишто го носат духот на една нација и сум исклучително горда и јас, но и целата Влада што еве успеавме да влеземе во една ваква организација преку еден ваков проект каде што над 120 македонски уметници ќе бидат дел од за мене можеби најважниот проект во овој дел за 35 години независност на Република Македонија“, рече денес на пресот Митева. 

„Самиот проект е замислен како –музичко сценски перформанс на тема 35 години независност на Македонија, односно 35 години на сите важни моменти кои што нè обединуват, нè прават горди и среќни, односно се она што е важно во овие 35 години, се разбира низ една уметничка перспектива. Музичко – сценскиот перформанс нема да има задача да биде некаква хронологија, односно да се занимава со реалното време. Всушност создаваме една уметничка реалност каде што низ едно музичко – сценско патување ќе патуваме низ тие 35 години, обидувајќи се од два агли да ја гледаме независноста. Едниот агол е генарацијата која беше директен учесник во тоа, а другата е младата генерација која ја наследува независноста. Значи, ќе се обидеме низ еден уметнички начин да ги споиме генерациите и да направиме еден мост, посочи идејниот творец на проектот Пројковски на денешната прес –конференција во НОБ.

Актерот и шоумен Игор Џамбазов ќе биде главниот лик што ќе не води низ приказната низ тие 35 години.

„ Ќе се обидеме овој празник да важи за сите граѓани на независна Република Македонија, за сите оние што се чувствуваат лојални граѓани на оваа држава. Разговаравме со Пројковски кој би бил идеалниот почеток и се сложивме дека тоа би биле антологиските стихови на песната „Македонија“  на големиот Анте Поповски напишани пред 45 години.Таа завршува со стиховите „О, еве ја таа проста земја од грч и од чекање што ги натера ѕвездите да прошепотат на македонски, а никој не ја знае.“ Овие стихови се напишани пред 40-45 години. Ова е вистинска шанса овој проект да докаже дека повеќе не е така. Дека не само што ѕвездите веќе шепотат на македонски, туку малку по малку сите научија која е таа Македонија, каде се наоѓа, а најмногу поткрепено од фактот дека надвор ќе бидат одекнат и голем број успеси на државата во спортот, во уметноста…, откри Џамбазов.

Мјузиклот се уште нема наслов, а на пресот, на новинарско прашање, се уште нема одговор колку ќе чини одбележувањето на 35 години независност на Република Македонија , кое досега вклучува концерти на мегаѕвездите, диџејот Дејвид Гета на 8 септември на Градскиот стадион, и шпанскиот тенор Хозе Карерас, заедно со Македонија олл стар – Каролина Гочева, Влатко Стефановски, Калиопи, Наум Петрески, Сузана Спасовска и Игор и Ана Дурловски, на 1 септември на градскиот плоштад во Скопје. Портпаролката на Владата, Митева, денеска на пресот побара трпение за сумата која ќе биде соопштена на крајот од проектите, зашто „оваа Влада е транспарентна кон граѓаните“. (Л.С.)