Новинa: Децата со лесна попреченост од септември во редовни училишта


Од септември во посебните училишта нема да учат, односно да се примаат ученици со лесни попречености. Тие ќе треба да се образуваат во редовните училишта, а во посебните и натаму ќе се образуваат само учениците со најтешки пречки.

Ова е една од опциите во втората верзија на предлог-законот за основно образование, која предвидува посебните основни училишта да бидат трансформирани во ресурсни центри. Образовната компонента за ученици со комплексни потреби ќе ја задржат, меѓутоа сега ќе имаат и дополнителна дејност. Кадарот оттаму ќе дава советодавна, консултативна, стручна и практична поддршка на наставниците и учениците во редовните училишта каде што се запишани ученици со попречености. Целта е да се постигне целосна инклузија на учениците со посебни потреби бидејќи сега во редовните училишта недостига кадар кој треба да работи со учениците со попречености.

„Ние сме пред втората верзија на предлог-законот за основно образование каде што има многу елементи за инклузивно образование. Посебните училишта не треба од септември да примаат ученици со полесни попречености туку треба да прераснат во ресурсни центри, но никој го нема целосниот одговор нанапред гледано неколку години. Слабостите се во специјалните кадри. Богатите земји имаат отидено многу напред бидејќи имаат цели тимови кои работат со децата, од физикална терапија, логопеди, до специјални едукатори кои се грижат за одреден број деца. Согласни сме со експертите дека децата со лесна попреченост треба да одат во редовно училиште со што законот ќе прецизира најмногу по два ученика во одделение за да можат и наставниците да се приспособат. Меѓутоа, и општините треба да учествуваат повеќе за да се покријат училиштата со кадар. Мора да знаеме до каде ни се можностите за да на сите овие групи им овозможиме сè што им е потребно од кадар и да ги составиме тимовите. На пет деца со попреченост им требаат 10 различни профили на асистенти кои треба да ги ставиме во функција“, рече заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов.

На трибина на тема „Предизвици во обезбедувањето на квалитетно инклузивно образование“, директорката на СУГС „Јосип Броз Тито“, Силвана Кржовска, зборувајќи за примената на светските образовни трендови во македонскиот образовен систем рече дека тие можат да се приспособат кај нас и дека важно е да се следат потребите на општеството.

„Во државава веќе 20 години се применува еден светски тренд на образование – програма на меѓународна матура. Таа програма се применува во рамките на гимназијата „Јосип Броз Тито“ веќе 22 години и ние сме лидери во регионот. Таа програма е еден тренд што на некој начин се приспособи на нашите услови, дава резултати, убаво е применлив, практичен, дава кадри и правиме светско реноме. Ние сме во рамките на 150 училишта во светот кои ја применуваат програмата. Наставата се изведува на повеќе светски јазици во зависност од државата што ја практикува, а кај нас на англиски јазик. Учениците добиваат меѓународно признаена диплома. Имаме надворешно оценување, испитите ги оценува меѓународен оценувач, а тоа се дваесетина деца на ниво на генерација. Нас ни е тешко што најчесто тие деца заминуваат да студираат надвор од државата и, иако се примамливи за економскиот сектор, многу ретко се враќаат назад“, рече Кржовска.

Вероника Мароска-Леова