Нови улици се градат во Битола, но во центарот уште има крпеници


Во моментов во изградба се две од најголемите улици во градот – „Илинденска“ и „Партизанска“

 

БИТОЛА – Улици запоставени со децении се обновуваат во Општина Битола. Стариот асфалт и старата подземна инфраструктура се заменуваат со нови. Улици на кои досега само се крпеа дупките и улици на кои граѓаните газеа кал добиваат нов асфалт, помалите бекатон плочки.

Градежната сезона е во полн ек, а се очекува капиталните проекти да ја раздвижат битолската економија и да дадат сериозен импулс во развојот на градот и Пелагонискиот регион, зошто во изведбите на улиците учествуваат битолски фирми.

Во моментот во изградба се две од најголемите улици во градот – „Илинденска“ во должина од 2,1 километри и инвестиција во вредност од 58 милиони денари, а се реконструира и една од најоштетените делници на улицата „Партизанска“ во должина од 730 м и во вредност од 35,9 милиони денари. Комплетно се завршени улиците:„13 јули“, „Климент Охридски“, „Булевар 1 Мај“, „Крушевска Република“…

„Ова е потврда на она што го најавив лани есента – сите проекти кои што сме ги изготвиле со целосна комплетна документација, денес го гледаат светлото на денот. Во Битола  се случуваат низа градежни активности кои покажуваат една сериозна градежна сезона која што е искористена максимално, дури и до овој период. Но, следуваат и други проекти до крајот на градежната сезона“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Битолчани бараат пристап до домовите, велат редовно ги плаќаат давачките кон општината и државата.

„Триесет години ниту некој дошол да нѐ посети, ниту имал слух за нашите проблеми. Конечно, по толку време и до нашите домови ќе газиме како луѓе, а нашите деца ќе се движат без кал на нозете“, коментираа дел од жителите на крак од улицата „Рашанец“.

Уште десетина други улици во Битола и неколку околни села се во градба или се комплетно завршени проекти.

Само во селото Долно Оризари се обновени и комплетно новоизградени 14 улици.

Оваа локална самоуправа успеа да изгради 15 улици во поранешната касарна во Битола во вкупна вредност од 102 милиони денари.

Некои кракови од улиците за прв пат се асфалтираат или се поплочуваат со бекатон

Улиците добија атмосферска канализација со приклучоци и улично осветлување. Ова се улиците кои со години ги ветуваше поранешниот градоначалник Владимир Талески. Тој замина од градоначалничката фотелја, оставајќи ја поранешната касарна како големо градилиште наместо ветената урбана населба. Неасфалтирани улица, незатворени шахти, ископано – незавршено, земјени пристапи, кал и ѓубре. Парите дадени за комуналии за новите градби во касарната ги пренамени за ИЗ „Жабени“, за на крај да се задолжи со 2,5 милиони евра кај Светска банка за инфраструктурно уредување на населбата. Заемот имаше грејс период од три години, а битолчани ќе го исплаќаат заклучно до 2030 година.

Сепак и покрај градежната офанзива, уште многу улици во градот се во очајна состојба. Впечатокот на пешаците и возачите е дека најголем дел од улиците во централното градско подрачје се во многу лоша состојба и со децении чекаат реконструкција. Такви се улиците „Стевче Патако“, улицата „Партизанска“ во делот на Ракометното, „Леринска“, „Солунска“, улиците кај Здравствениот дом и на битолскиот Баир и многу други.

„Граѓаните се задоволни кога им се решени инфраструктурните проблеми, а има улици во градот кои се со дупки и крпеници од почеток до крај, улици каде шахтите се повисоки од асфалтот, па пешак не може да помине кога врне дожд, а и тешко на амортизерите и гумите на автомобилите. Имаме улици во строгиот центар на градот кои при секој дожд се поплавуваат. Со години се влече ваквата состојба, штом дојдат избори сите ветуваат, а после кратко им трае памтењето“, коментира битолчанецот Марјан С.

Добар дел од улиците во централното градско подрачје не може да се реконструираат без дозвола на Управата за заштита на културното наследство бидејќи одредени зони се заштитени со закон, односно старото градско јадро на Битола, кое претставува споменична целина, е прогласено за културно наследство од особено значење и за секоја интервенција е потребна дозвола. (А.Б.)