Нови 15 милиони евра задолжување од Светска банка за основното образование, опозицијата вели за една година сме се задолжиле 1,8 милијарди евра

Собранието на денешната 67. седница на на понатамошно второ читање проследи неколку предлог-закони, меѓу кои и Предлог на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за унапредување на основното образование.
Заменик-министерот за финансии, Николчо Јанкуловски во образложението на предлог-законот соопшти дека вкупниот износ на заемот кој ќе го додели Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка изнесува 15 милиони евра.
-Заемот ќе биде доделен на Република Северна Македонија под следните услови: Рокот на отплата на заемот е 12 години, со вклучен грејс период од 3 години; Каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон; Заемот ќе се отплаќа во 18 полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 15 јуни и 15 декември секоја година; Согласно прописите на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, Република Северна Македонија како заемопримач има обврска да ѝ плати на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка еднократна провизија од 0.25% од износот на заемот (Front-end-fee). Оваа провизија ќе биде платена еднократно од средствата на заемот; Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Меѓународната банка за обнова и развој – СБ провизија во висина од 0,25% од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво, рече Јанкуловски.
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи нагласи дека ова задолжување од 15 милиони евра е само симбол, дел од една поголема слика која, како што рече, власта се обидува да ја држи подалеку од очите на јавноста.
-Ако сакаме да ја разбереме реалната состојба на јавните финансии, доволно е да ги погледнеме бројките кои ја портретираат сликата. Од 1 јули 2024 година до 1 септември 2025 година, Северна Македонија се задолжи за над 1,8 милијарди евра. Една милијарда евра од Унгарија и уште 803 милиони евра преку 33 аукции на државни обврзници со просечна каматна стапка од 4,5 отсто. Дополнително, на почетокот на август Владата најави нови заеми од 950 милиони евра на меѓународниот пазар и 70 милиони евра кај домашните банки, со што вкупниот износ на задолжувањето ќе надмине 2,8 милијарди евра. Не сум против училиштата, напротив, тие се дел од мојата социјалдемократска визија за еднакво, инклузивно и фер општество, но сум против политичко лицемерие, против фискална неодговорност и против тоа да се задолжуваме без план, без чесност и без отчетност пред јавноста, рече тој.
Според Битиќи, ова задолжување уште еднаш ја разоткрива суштината на власта на ВМРО-ДПМНЕ – проект што во 2021 година го блокираа, а денес го претставуваат како сопствено осмислен.
-Наместо да нудат свои идеи, тие молчат за новата стратешка рамка со Светска банка за периодот 2024-2028. А токму таа стратешка рамка на Светската банка за соработка со Република Македонија вредна 700 милиони евра треба да ги понуди решенијата за се што досега не можело. Но, таму треба да бидат новите визионерски проекти што ќе ја трансформираат економија и јавните услуги. Но, нив за жал ги нема. И наместо тоа се продолжува со политика на засилено задолжување, додека шансите за европски пари и за вистинските развојни програми остануваат неискористени, рече пратеникот Битиќи.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски истакна дека тој со други пратеници од неговата партија претходно се спротивставиле на ваквите заеми бидејќи, како што посочи, тогаш државата се задолжувала и никој од тоа ништо не видел.
-Прво, што е сменето? Многу е сменето. Прво, заради тоа што не е како досега. А, второ сменети се тие кои седум години владееја и добија 750 илјади гласови со политичка коалиција која доби над 430 илјади гласови за да го смени тоа што беше присутно како до тогаш. Зошто ВМРО-ДПМНЕ тогаш критикуваше на начин на кој што критикуваше? Бидејќи луѓето кои ги управуваа институциите, а и тогашната Влада, сите овие средства коишто на ваков начин ги повлекуваше завршуваа можеби на сомнителни места и повеќе од јасно е дека корупцијата која владееше во тогашната Влада заврши со бројот на гласови со кои што го кажав. Да, јас тогаш бев член на Комисијата за финансирање и буџет. И да, точно, со колегата Пренџов, Стојановска и со неколкумина други жестоко се спротивставуваме на ваквите заеми, бидејќи тогаш државата се задолжуваше и никој од тоа ништо не виде, односно тие пари се крадеа, рече тој.
Стојаноски потенцира дека за тоа колку СДСМ се задолжила за седум години, тоа е отприлика 100 проценти отколку што претходно се задолжиле сите влади на земјава.
-Ако ние направиме споредба за тоа колку СДСМ се задолжи за седум години, тоа е отприлика 100 проценти отколку што претходно се задолжија сите влади на Република Македонија. И ако видите што е направено за тие седум години, односно ништо. И за тоа колку се задолжува новава Влада, ајде повторно да одиме фактографски – ова е трет заем за овие 14 месеци со коишто Собранието гарантира за задолжувањето на државата. Направив една анализа и понатаму ќе ви соопштам кои општини ќе се финансираат со ваквите средства. За 14 месеци, ние имаме 67 милиони евра инвестиции во образовна инфраструктура. Тоа оди отприлика вака – 32 милиони евра се вложуваат за изградба на седум нови училишта, за реконструкција на 20 училишта, за реконструкција на 20 спортски сали и за изградба на четири комплетно нови спортски сали, рече пратеникот Стојаноски.
Собранието ги прифати и ги проследи на натамошно второ читање – Предлог на законот за изменување на Законот за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, по скратена постапка, Предлог на законот за изменување на Законот за решавање банки, по скратена постапка, Предлог на законот за изменување на Законот за финансиски инструменти, Предлог на Законот за средно полициско училиште, скратена постапка, Предлог на законот за изменување на Законот за исплата на платите во Република Северна Македонија, Предлог на законот за изменување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, Предлог на законот за изменување на Законот за јавните претпријатија, Предлог на законот за дополнување на Законот за стопанските комори, Предлог на закон за изменување на Законот за вработување на инвалидни лица, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за странци, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Предлог на закон за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност и Предлог на законот за контрола на индустриски емисии (*) – Прво читање – прифатлив и да се проследи на натамошно второ читање.
Не беше изгласана потребата по скратена постапка да се донесат неколку предлог-закони поднесени од Левица – Предлог на законот за дополнување на Законот за работните односи, Предлог на законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, Предлог на законот за дополнување на Законот за домување, Предлог на Законот за државна поддршка при купување на прв дом за млади и Предлог на законот за ваучер за неформална детска грижа.
И денешната собраниска седница почна по едночасовна пауза на барање на пратеничката група на Левица кои очекуваат одговор од генералната секретарка на Собранието за патните трошоци и кирии за сите пратеници.
Пленарната 67. седница треба да продолжи утре.