Нов сој на птичји грип се појави во Европа: Пациент хоспитализиран
Првиот случај на нов сој на птичји грип (H9N2) кај луѓе е регистриран во Италија кај лице кое било заразено надвор од континентот, а во моментов е хоспитализирано и во изолација, објавија денес италијанските власти.
Италијанското Министерство за здравство објави дека во моментов нема причина за загриженост и дека ситуацијата континуирано се следи, објавува „Кориере дела Сера“.
Случајот е регистриран во Ломбардија, спроведени се сите предвидени мерки за надзор, идентификувани се контактите на пациентот и воспоставена е координација со регионалните власти, италијанскиот Национален институт за здравство и референтните лаборатории.
Експертите од италијанскиот Национален институт за здравство наведуваат дека птичјиот грип е вирусна инфекција која првенствено се јавува кај птиците, особено дивите видови, кои се главни преносители.
Како што истакнуваат, вирусите на птичји грип имаат голема способност за мутирање, а некои соеви неодамна се регистрирани кај цицачи, вклучувајќи говеда и домашни миленици, особено мачки.
Според италијанското Министерство за здравство, преносот на луѓето се случува главно преку директен контакт со заразена живина или контаминирана животна средина и материјали, додека пренос од човек на човек не е регистриран.
Оние кои се во близок контакт со заразени птици, како што се ветеринарите и работниците во производството на живина, се изложени на најголем ризик.
Повеќето од овие вируси се релативно безопасни за луѓето, но одредени мутации можат да ја зголемат способноста за пренос на други видови, вклучително и луѓето.
Симптомите кај луѓето обично се благи или отсутни, но може да вклучуваат треска, болно грло, кивање и конјунктивитис, додека во потешки случаи може да се појават акутни респираторни заболувања.