Нов кристален лустер специјално нарачан од Турција ќе го краси Офицерски во Битола


Офицерскиот дом веќе доби нова сјајна фасада. Ги нема веќе чкртаниците по неговите ѕидови и влагата

Новиот голем лустер ќе биде поставен за неколку дена. Стариот лустер, кој падна во 2016 година и се наоѓа во Музејот на Битола, ќе биде реставриран

 

БИТОЛА – Нов лустер, со кристали налик на капки од вода, специјално нарачан од Турција ќе ја краси и осветлува свечената концертна сала во Офицерскиот дом во Битола. Градоначалничката Наташа Петровска открива дека за Офицерски е купен нов балски кристален лустер, а ќе се поставува целосно пропратно осветлување во ист стил. Лустерот ќе биде поставен за неколку дена.

Новиот лустер е со дијаматар од околу 2,5 метри и висина од 3 метри, а од подот до долниот раб на лустерот ќе виси на 5 метри растојание. Основата на лустерот е во месинг, патинирана боја, челична конструкција. На него има кристални елементи во вид на капка и ќе биде на три новоа на палење со лед светилки во внатрешниот дел и 60 т.н. чашки во надворешниот дел на лустерот.

Воедно ќе се реставрира и стариот лустер кој падна на земја во летото 2016 година. Стариот кристален лустер во 1970-те години беше направен од два други луксузни лустера од Офицерскиот дом во Скопје, кои беа оштетени за време на земјотресот  во 1963. Лустерот се сметаше за движно културно богатство на Битола, но во 2016 година пред смената на власта, откако објектот беше препуштен на распаѓање и лустрот падна под нерезјаснети околности.

Реконструкцијата на внатрешноста на Офицерскиот дом оди со вистинска динамика

„Реконструкцијата на Офицерскиот дом тече со добра динамика. Деновиве ќе биде поставен новиот лустер набавен од Турција, а секако ќе се реставрира и стариот кој е од исклучително значење и сега се наоѓа во Битолскиот музеј. Граѓаните  на Битола со видео запис по повод 4 Ноември ќе имаат можност да ја видат и внатрешноста на објектот каде реконструкцијата е во тек. Секоја нова фотографија која ја добивам на дневна основа ми дава радост повеќе дека навистина со тој проект правиме нешто добро. Верувам дека битолчани ќе се воодушеват кога ќе влезат во просторот на Офицерски. Со реконструкцијата на Офицерски ќе завршиме голема работа“, вели градоначалничката Петровска. Новиот лустер нема да значи натфрлање на предвидените трошоци во проектот за реконструкција и уредување на објектот.

Офицерскиот дом во Битола деновиве заличи и со новата фасада. Нема веќе чкртаници и графити на ѕидовите ниту пак урнатини од влага. Се враќа стариот сјај на најубавиот објект на Широк Сокак.

Поставени се дел од плочките, вентилацијата, дел од парното греење, дограмата, а  комплетно е обновена и  фасада. Истовремено, се работи на проект за партерното уредување на Офицерскиот дом, на целата површина заедно со дворното место.

Обезбедени се средства со ребалансот на буџетот на Општина Битола, во чии рамки беше направена промена на неколку развојни програми, а тука влезе и парнерно уредување на Офицерскиот дом.

„Нема да се изгуби она што како традиција сме го имале во градот и многу им значи на битолчани. Ова ќе биде дом на уметноста, во него ќе има низа културни настани, отворен за настани на невладини организации, на бизнис заедницата, но и за музејски поставки кои ќе бидат флексибилни зашто градот изобилува со археолошки наоди кои ни се наоѓаат во подрумските простории на нашиот Музеј, артефакти кои ни битолчани ги немаат видено“, рече Петровска.

Проектот за реконструкција на Офицерскиот дом се реализира во рамките на потпроектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски Дом заедно со партерно уредување“. Проектот го изработи Општина Битола и доби подгрант средства од Европската унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 фондот на Европската унија, администриран од Светска банка.

Вкупната вредност на договорот со Проектот за локална и регионална конкурентност  изнесува 58,7 милиони  денари. (А.Б.)